Претставата „Подемот и падот на кабарето“ од режисерот Владимир Милчин, во рецензијата на авторот Горан Цветковиќ, емитувана на Радио Белград 2, е опишана како најзначајната претстава на просторот кој некогаш се нарекувал Југославија, и како што самиот вели „веројатно и подалеку во Европа“.
Со наслов „Распеана историја на потресниот сарказам“ Цветковиќ наведува дека со големо мајстроство во претставата нема ниту едно име на политичар, писател, криминалец и борец за човекови права, но сите тие се присутни и е познато што за кого се однесува, и се’ е завиткано во вистинската вистина – подлабока и побогата со значење од конкретната и секојдневна.
– Дури кога едно сложено театарско дело ќе функционира на сцената во полн сјај на интелектуална, естетска, општествена, поетска и филозовска динамика и структура – станува јасно колкава е моќта и силата на таа двочасовна планета на творечка возвишеност – само една театарска претстава. Дури кога делото без никакви специјални толкувања создаде во себе саморазвојна, самосоздавачка, самогенерирана, самоостварлива уметничка игра – докаже и стане вистина, се расцвета во полн сјај и ја потврди смислата на вековните усовршувања на разните видови театар – ќе ја обземе со сета несогледлива енергија публиката, времето, историјата, политиката и сето тоа ќе го воздигне во виорот на творечка страст каде човекот се чувствува како Бог – пишува Цветковиќ.
Цветковиќ објаснува дека ретко се случува таа Шекспирова прашина и пајажина од фантазија да стане толку вистинска и силна, богата и животворна – да се постави како космички пандан на животот во светот… оној во создавањето, во сите турбуленции, во возвишената племенитост – подеднакво како во критичкото и грозно отрезнување од самоспознавање на нискоста на која секојдневно сме изложени и во која ослабени со сомнежите и ситно сопственичките обиди да се изгради сурогат – и самите градиме свесно, несвесно, сакајќи или не сакајќи.
– Имав големо задоволство да гледам една таква грандиозна претстава, која во себе ја содржи таа творечка енергија која се собира низ многуте години – во авторите, општеството, поезијата, политкиата, во историјата на секојдневниот јад, во трагедијата и иронијата за опстанок, во критиката и потребата да се победи кршот и распадот, секојдневната опседнатост во трката за моќ и вулгарното грабање, за подобро парче успех и горчлива крвава среќа и уживање. Токму таква театарска претстава се случи во Македонскиот народен театар, во Скопје во претставата „Подемот и падот на кабарето“ од режисерот Владимир Милчин.
Самото име – на прв поглед иако разбирливо, веќе на втор поглед станува енигма! Бидејќи кабарето е жанр на леснотија и секако жанр на критичка острица на секојдневната и локална мрежа на односите помеѓу моќта и измамата.
А поимите „подем“ и “пад“ лесно се врзуваат за Брехтовите епски дела, исто така, се потпираат и на духот на кабарето, како моќно и популарно во директната комуницкација, му обезбедуваат на овој наслов убиствен парадокс и ја воведува публиката во светот на критичкото преиспитување – со игра, песни, скечеви и намерни поетски отстапувања – со песни и горчливи острици од саркастични резови –афоризми и стрип стории.
А, содржината, како некој вид омаж на самото кабаре, но критички прикажано – антологија на кабаретските записи од времето на Француско – буржуаска револузија до Хитлеровите логори на смртта, преку познатите германски меѓувоени херои на жанрот, до смртно сериозните и трагични руски автори кои страдале во логорите на Сталин, поради нивниот остар и точен стих – стои во рецензијата на авторот Горан Цветковиќ.
Петар Клинчарски