Од денеска до 4. април во Кинотеката на Македонија ќе се одржува петтиот Филозофски филмски фестивал, симболично насловен „Фил(м)ософски одисеи“.
На програмата се „Мирно лето“ на Димитрие Османли, „Антихрист“ на Ларс фон Трир и „Рашомон“ на Акира Куросава. По секоја проекција ќе има кратки предавања од областа на филозофијата и филмот, на професорите Иван Џепароски, Ристо Солунчев и Стефан Сидовски, како и отворена дискусија со публиката.
Фестивалот е проект на Филозофското друштво на Македонија кој се реализира од 2010. година како студентска иницијатива на Институтот за филозофија, најпрво именуван како Филозофско филмско фестивалче.
Организаторот соопшти дека подготвил најамбициозна програма досега, го отфрлил деминутивот во насловот и се преобразил на големото платно, зашто од Институтот за филозофија годинава ќе се пресели во Кинотеката на Македонија.
Фестивалот ќе има и придружна програма – гостување на режисерот Игор Иванов и работилница за студенти која е новина на годинашното издание.