Шест претстави од Франција, Германија, Романија, Бугарија и две од Србија ќе бидат изведени на 10. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“ што ќе се одржува од денеска до 10 октомври на малата сцена на Македонскиот народен театар.
На годинашното јубилејно издание ќе гостуваат пантомимичари со различни естетики, некои од нив веќе гостувале на „Панфиз“ во изминатите години, некои се и добитници на награди на овој фестивал, како што е Герасим Дишлиев од Франција кој ја доби наградата во 2009 година.
На 8-ми и 9 октомври ќе има по две престави во термините од 19.30 и од 21.30 часот – „Хомо Американус“ на Пол Цимпоеру од Романија и „Богатството“ на бугарското дуо Веки Бојс (во недела) и „Кратки визуелни приказни“ на дуото Мимикри од Германија и „Постквартет“ на Пулс театар од Лазаревац, Србија (во понеделник).
И оваа година „Панфиз“ им посветува внимание на лицата со посебни потреби. Во вторник, 10 октомври, ќе биде изведена претставата „Прва солза“, според расказ од Борисав Станковиќ, со која ќе гостува општинската организација на глуви и наглуви од Врање. По оваа изведба ќе биде доделена Наградата за најдобра претстава на „Панфиз 2017“ која е под покровителство на Росен Пацов од Бугарија.
На отворањето ќе биде промовирана монографија за фестивалот на авторот Тодор Кузманов.