Во Прилеп вечер почнува 3. Џез фестивал. Ќе го отвори бендот „Акустико“ од Италија, Лука Аквино на труба и Кармине Јоана на хармоника. Гостува и бугарскиот состав FlyWe2The Moon предводен од трубачот Росен Захариев.
Според Снежана Ристеска од Одделението за култура при локалната самоуправа која е организатор на манифестацијата, Џез викендот ќе го презентира музичкото творештво од светски џез размери со основна идеја за поинаков, урбан Прилеп и заложби за следење на вистинските вредности и културни содржини.
Утревечер настапуваат „Сархан“ чии членови, од Словенија, Индија и Хрватска, негуваат посебен фјужн на индиска традиционална музика и џез рок, а публиката ќе може да ги слушне и „Нејкед“ од Србија.
Третата, последна вечер, во сабота, е резервирана за Рамбо Амадеус, еден од најоригиналните автори и изведувачи на Балканот, и виртуозите Игор Малешевиќ на тапани и Мирослав Товирац на бас. Пред нив настапуваат нашите „Некст ту сајленс“.
Меѓу ѕвездите се и популарните „Дисциплина кичме“ со легендарниот Душан Којиќ – Која, кои ќе го затворат фестивалот.
Настапите секоја вечер се од 20 часот на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“, а влезот е бесплатен.