Почнува 9. „Танц-фест“

Од:

Со претставата „Надеж. Вечер со Бетовен“ на Државната опера и балет од Анталија, Турција, во режија и кореографија на Рисима Рисимкин вечер во Македонската опера и балет ќе биде отворено деветтото издание на „Танц фест“-Скопје.

Вечерта на Владимир Викторович Васиљев, водечки танчер во „Бољшој театарот“ ќе му биде доделена наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“, за која едногласно одлучи Советот на фестивалот.

Државната опера и балет од Анталија, Турција, постои од 1999 година. „Надеж“ е работена по музика на Бетовен, вториот став од Седмата симфонија и цела Деветта симфонија. Сценографијата е на Тајфун Чеби, а костимите се на Благој Мицевски.

Васиљев 30 години бил водечки танчер во „Бољшој театарот“ и има огромен придонес во развојот на класичниот балет, преку повеќе балетски претстави и улоги кои ги имал. Во 1971 година почнал да работи како кореограф, театарски и филмски режисер. Меѓу 13 балети кои тој ги има креирано се – „Икар“, „Анита“, „Ромео и Јулија“, „Дон Кихот“, „Пепелашка“, „Жизел“… Повеќе од 10 години ги води постдипломските студии на Државниот институт за изведувачки уметности и го води Факултетот за кореографија при Институтот. Од 1995 до 2000 година ја извршувал функцијата уметнички и генерален директор на „Бољшој театарот“. Васиљев е народен уметник на СССР и Русија, професор при Руската академија за изведувачки уметности, член на Руската академија на уметностите и Интернационалната академија на уметностите, добитник е на повеќе награди. Слика и пишува поезија.

Во рамки на фестивалот в сабота, во Младинскиот културен центар во 18 часот Battery Dance Company од САД ќе одржи едукативна програма „Dance to connect“. Во 20 часот исто така во МКЦ Battery Dance Company ќе се претстави со „Autobiographica“. В понеделник на сцената Зебра ќе настапи Скопје танцов театар со проектот „Hot“. Во вторник во МКЦ ќе настапи Националниот балет од Косово со перформансот „Кога светлината загаснува“.

Би можело да ве интересира

Двојна изведба на балетската претстава „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски

На Денот на шегата и маските уште две претстави на „Петар Пан“

Ана Ололовска

Балетската претстава „Жизел“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус

Ана Ололовска

Националната опера и балет со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон” во Пловдив

Ана Ололовска