Почнува 34. „Скопско лето“

Од:

Во Македонската опера и балет вечер свечено ќе биде отворена 34. летна културна манифестација на главниот град „Скопско лето“. Отворањето ќе биде со Деветтата симфонија на Бетовен во изведба на 26-член мешан хор од Јапонија заедно со комплетниот состав на Хорот и Оркестарот на МОБ.

Концертот ќе го води  јапонскиот диригент Шунго Моријама, а  солисти ќе бидат сопранистката Еми Хишики и баритонот Кеизуке Отани од Јапонија и мецосопранот Ирена Кавкалевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски од Македонија. Во „Мала станица“ претходно ќе биде отворена изложба на Марија Светиева за 27 години од нејзиното ликовно творештво.

На „Скопско лето“ годинава ќе има околу 2.000 учесници од Македонија и од над 20 земји, 70 програмски содржини кои ќе се одржуваат на отворените простори низ градот, а главни локации се МОБ, платото пред Универзалната сала и скопската чаршија.

– Активностите годинава се во сеќавање на 50 години од скопскиот земјотрес и потсетување на светската солидарност, како и на 50-те години од Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија и 50 години од Музичка младина на Македонија, рече на прес-конференција Мирко Стефановски од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

Покрај јапонскиот хор за отворањето, ќе  гостуваат уште два големи ансамбла – на 25 јули во МОБ ќе настапи 90-члениот Кинески оркестар од Пекинг, а на 20 август на кејот под Камениот мост ќе гостува Младинскиот оркестар на Европската унија – Симфониски орекстар со 125 музичари од 29 земји-членки на ЕУ. Дирекцијата го најави како ексклузивен концерт и надвор од редовната програма на манифестацијата (21 јуни – 31 јули).

Покрај нив ќе гостуваат и други камерни состави и солисти од Унгарија, Словенија, Австрија, Турција, Бугарија, Финска, Данска… Ќе настапи и македонскиот национален ансамбл „Танец“,  а како и во изминатите години и ова издание ќе понуди разновидни содржини – изложби, десетина претстави, меѓу кои и обновената „Солунски патрдии“, амбиенталната „5:17“, премиерата за деца „Оливер Твист“, гостувања на театрите од Прилеп и Струмица,  „Летно кино“ во Градски парк од 6 јули, ревија на наградени филмови од годинашниот „Астерфест“, француско-германско-македонски филмски концерт „So this is Paris“ – за половина век од Елисејскиот договор,  мултимедијалните проекти „Скопски урбани приказни“ и „Мое Скопје“, стендап-комедии.

Би можело да ве интересира

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Концерт на хорот „Фрида“ на Скопско лето

Драмски со претставата Фирма на Скопско лето

44. издание на Скопско лето со преку 30 културни настани и богата програма ја одржува традицијата како еден од најдобрите фестивали за култура

Со концерт на Ори Даган завршува „Скопско лето“

Kонцерт на Киц Поп Хор на Скопско лето 2022