Дванаесет уметници од четири континенти ќе создаваат ликовни дела на 25. Интернационална кичевска ликовна колонија, која денеска ќе биде отворена во Куќата на уметноста во селото Кнежино.
Учесници годинава се уметници од Канада, Кина, Австралија, Кипар и од соседните земји Србија, Бугарија и Косово, како и познати македонски сликари.
– Во претстојните две недели очекуваме уметниците да создадат околу 40 дела. Во кратки периоди во Куќата на уметноста ќе творат и уметници што тука ќе останат по ден-два, изјави Горан Донески, директор на генералниот покровител а.д. „Тајмиште“.
Меѓу уметниците и оваа година ќе биде професорот од Северен Кипар, Феридун Исиман, кој со своето дваесетто учество е доајен на оваа колонија. Од нашите уметници ќе творат: Жарко Јакимовски, Решат Амети и Владимир Темков.
Во текот на колонијата уметниците ќе имаат и еднодневен излет до Охрид, а ќе ги посетат и знаменитостите околу Кичево.