Во продукција на „Круг Филм“, вчера започна снимањето на краткиот игран филм „Чевли“, во режија и по сценарио на Бранко Костески.
Снимањето на филмот ќе трае до 29 ноември на повеќе локации во Скопје.
„Чевли” е краток игран филм со жанровска одредница – драма. Протагонистот, Јован во младоста го посведочува нападот врз неговиот татко, од група на тинејџери и немајќи храброст да се вмеша во тепачката, бега. Дејството на филмот се случува 25 години подоцна, кога таткото на Јован умира и му ги остава чевлите, највредното нешто што го поседувa и оттогаш неговиот живот се превртува наопаку.
Актерската екипа ја сочинуваат Благој Веселинов, Диме Илиев, Роберт Ристов, Ана Костовска, Григор Јованосвки, Сергеј Димоски, Јаков Спасов и Стефан Петровски.
“Чевли” е во режија на Бранко Костески, директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Кирил Спасески, костимограф Милена Атанасова, шминка Симона Ристевска, композитор Бојан Петков, монтажата е на Владимир Павловски, а продуцент е Дејан Крајчевски.
Копродуцент на филмот е Факултетот за драмски уметности, Скопје. Филмот е финансиски поддржан од Агенција за филм.