Почна снимањето на „Кајмак“ на Милчо Манчевски

Од:

Во хотел „Лимак“ во Скопје денеска почна да се снима „Кајмак“, седмиот филм на режисерот Милчо Манчевски. Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.

– Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот, изјави режисерот Милчо Манчевски, кој е автор и на сценариото за „Кајмак“ – црна комедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Според продукцијата, филмот е безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.

„Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите се од странство – 52 проценти од средствата се од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од нашата Агенција за филм. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж. Помогнат е од голем број домашни и странски поединци и компании. Копродуцент е Македонската радио-телевизија, а во екипата се вклучени филмски работници од Англија, Италија и Србија.

Во актерската екипа се. Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ…

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг-директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти. Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“ со продуцентот Јане Ќортошев.

Во текот на снимањето се очекува во Скопје да пристигнат и копродуцентите на филмот од Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар – „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз.

Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчар во мракот“ на Ларс Фон Трир и „Сè е тоа за љубов“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската „Скала продакшнс“.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор