Под покровителство на Министерството за култура и Општина Струмица, почна 51. Меѓународна струмичка ликовна колонија. Во галериските ателјеа на Центарот за култура „Антон Панов“ дваесеттина уметници од Италија, Полска, Турција, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија, во наредните 10 дена ќе создаваат нови дела.
Како што изјави директорот на Центарот за култура Иван Јовев, годинава изборот на учесниците е изострен. Тој очекува квалитетни дела кои ќе го збогатат депото на Уметничката галерија во Струмица.
– Пред нас и нашите гости се денови на дружење, запознавање, размена на искуства, инспирација и творење. Меѓу гостите-учесници е и доаејенот на македонското сликарство, 90-годишниот Цане Јанкуловски, автор на ентериерот на стариот струмички театар, рече Јовев.
Создадените дела премиерно ќе бидат изложени на 11-ти Септември, Денот на ослободувањето на Струмица.
По пет децениското постоење, Колонијата стана белег на културното живеење во Струмица и регионот, а нејзиниот отворен карактер е можност за нови пријателства.