Во новите услови поради пандемијата, почна годинашното издание на ликовната колонија „Дрен 2020“, во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп и со поддршка на Министерството за култура.
Тринаесет уметници од земјава ќе творат во своите ателјеа поради пандемијата и, практично, на физичка дистанца ќе се реализира 12. Ликовна колонија „Дрен“. Платната и боите веќе им се доставени на уметниците.
Годинашни учесници на колонијата се уметниците: Беди Ибрахим, Мирко Вујисиќ, Микица Трујкановиќ, Марија Стојаноска Петковски, Жани Гелевска, сите од Скопје, Драган Најденовски од Битола, Владимир Темков од Кавадарци, Мирјана Крстева Масети од Гевгелија, Ангел Коруновски од Велес, Александра Димитрова од Кочани, Тамара Танкоска од САД и Тони Чатчески и Марјан Стојаноски од Прилеп.
Делата што ќе бидат изработени ќе бидат претставени на изложба во ликовната галерија на прилепскиот Центар за култура.