Почина Живко Павлов, бардот на македонскиот хумор и сатира

Од:

Денеска во Скопје, во 85-тата година од животот почина познатиот македонски хуморист и сатиричар Живко Павлов.

Тој е автор на првата книга афоризми и епиграми по Втората светска војна во Македонија – „Пладневни кукурикања“, објавена во 1969 година. Не случајно го нарекуваа “македонски Јиржи Лец”, зашто афоризмите и епиграмите презентирани во неа се чини како да се пишувани денес, па реално е согледувањето на критичарите дека станува збор за литература на која времето и минливоста не и можат ништо.

Живко Павлов цел живот професионално се занимаваше со хумор и само со хумор. Најмногу во „Остен“, како и во други весници и списанија, и е автор на илјадници афоризми, епиграми, хуморески и сатирични текстови. Павлов е објавуван во најголемите хумористични списанија на Балканот, како и во Русија.

Велешанец по потекло, за кого случајот барал да се роди во Куманово на 9-ти мај 1940 година, подоцна – датум прифатен како Ден на победата над фашизмот. „Затоа цел живот трпам порази“ имаше обичај во шега да каже Живко.

Живко Павлов за себе своевремено кажа: „Дури кога ја наполнив 60-тата година, успеав да ја завршам Академијата за хумор и сатира, во класата на професорот Живко Павлов“.

Ги има објавено книгите: „Пладневни кукурикања“ (прва книга афоризми и епиграми во повоената македонска литература); „Македонска поетска пародијада“ (прва книга пародии кај нас), па „Дамира во царството на сетилата“ (заедничка книга со Љупчо Силјановски), „Хумпрофор“ (заеднички проект со Владо Десовски), како и книгата на хумористични епиграми „Смеаториум“. Павлов е автор и на хумористичната книга – Часови за деца родени со диплома „Лелектира“.

Погребот ќе биде утре, понделеник, 10.02.2025 г. на гробиштата Бутел во Скопје, а опелото ќе се одржи во капелата со почеток во 12.30 часот.

Би можело да ве интересира

Почина Теофил Панчиќ

Почина новинарот Ѓорѓи Томиќ

Горан Наумовски

Почина Костадин Коце Икономов, еден од основоположниците на македонската рок сцена

20-годишно момче од Мала Речица починало во семејниот дом

Почина сликарот Коле Манев

Почина легендарната ТВ спикерка Снежана Липковска