Сликарот, Илија Пенушлиски, кој остави извонреден белег во македонската уметност, почина на 79 години.
Веста ја соопшти неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски во објава на социјалните мрежи.
-Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“ – објави Митрев-Пенушлиски.
Илија е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист роден во Солун, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули 2022. Илија Пенушлиски е роден во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Во 1972/73 бил на постдипломски студии на институтот „Прат“ во Њујорк и има бројни самостојни изложби во земјава и во странство. Неговата последна изложба, изложба „Градот“, каде за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, беше во 2018 во скопската галерија „Акантус“.
Неговите дела често беа инспирирани од градската динамика, архитектурата и современиот начин на живот, при што користел богата колористика и експресивен пристап.
