Почина Саша Николовски-Ѓумар

Од:

Попладнево неочекувано почина диригентот Саша Николовски-Ѓумар на 50-годишна возраст. Диригентот Саша Николовски – Ѓумар е роден во Битола во 1966 година. По завршувањето на средното образование се запишува на Електро-техничкиот факултет во Скопје, но го напушта за да се занимава со музика.

Се запишува на Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија и дипломира како најдобар студент на генерацијата. За време на овие студии, се запишува и на отсекот за композицијаи диригирање, од кој дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

За време на студиите работи како диригент со Хорот и Оркестарот на Факултетот за музичка уметност, Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и академскиот хор „Мирче Ацев“. По дипломирањето волонтира во Македонската филхармонија и асистира на диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски во МОБ. Од 1993 Саша Николовски е музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и е шеф–диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на „Охридско лето“ и „Скопско лето“.

Во 1995 настапува со Младинскиот камерен оркестар во Будимпешта на прославата по повод 50-годишнината на Светската федерација на Музичка младина. Истата година го формира оркестарот за современа музика „Синтезис“. Николовски продолжува да се надоградува на конзерваториумот„Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург во класите на истакнатите професори Илја Мусин и Михаил Кукушкин, добивајќи можност да соработува со диригенти како Јури Темирканов и Валериј Гергиев.

По неговите студии во Русија,во 1996 започнува редовна соработка со Хорот и Оркестарот на ФМУ во Скопје, Младинскиот камерен оркестар на Музичка младина на Македонија, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар и ансамблот „АЛЕА“, настапувајќи на Охридско лето, Хераклејски вечери, Мајски оперски вечери, Прилепско лето и Штипско лето.

Во 1999 магистрира со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учи оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев. За неговата работа со ансамблот за современа музика „Св. Софија“, во 2001 година е добитник на наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови намакедонска музика“.

Саша Николовски настапува во Унгарија, Романија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Од 1998 на Факултетот за музичка уметност предава хорско и оркестарско диригирање, Оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Почина американскиот водител на ток-шоу Џери Спрингер

Ана Ололовска

Почина специјалист ортопед Иван Рамбабов

Ана Ололовска

Почина Рјуичи Сакамото, познат јапонски композитор и продуцент

Ана Ололовска

Комеморација за Димче Мешковски во Драмски

Ана Ололовска

Почина македонскиот актер Димче Мешковски

Горан Наумовски

Почина др. Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники

Горан Наумовски