На 89-годишна возраст почина оперската примадона Милка Ефтимова, доајен на македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот, соопштија од Националната опера и балет.
Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.
Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во ,,Орфеј и Евридика”, Ацучена во ,,Трубадур”, Еболи во ,,Дон Карлос”, Сузуки во ,,Мадам Батерфлај”, Марфа во ,,Хованшчина”, Урлика во ,,Бал под маски” и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на ,,Кармен”. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година.Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Македонија (2022).
Милка Ефтимова беше родена на 26 февруари 1936 година во Радовиш. Таа е истакната македонска оперска пејачка, некогашна првенка на Македонскиот народен театар, редовна професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и концертна уметница со извонредно широк дијапазон на репертоарот.
Во мај 1961 година, како член и солист на Хорот на Словенечката филхармонија настапила во Виена под диригентската палка на големиот Ловро фон Матачиќ, изведувајќи повеќе солистички делници. Матачиќ самоиницијативно работел со Ефтимова врз партитурата на Кармен, толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. Непосредно по концертот во Виена тој и понудил ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со убедување дека во кусо време и претстои блескава кариера. Бидејќи Милка била стипендист на скопската опера, есента во 1961 година станала солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје.
На 15 декември 1961 година за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ù била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“ заедно со Данка Фирфова како Леонора, Марио Ѓуранац како Манрико и Енцо Серини како Луна, диригент бил Александар Лековски. Салата била преполна, многу аплаузи и добила букет од Лазар Колишевски тогашен претседател на Република Македонија.
По „Трубадур“ настапува во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Бетерфлај“, „Орфеј и Евридика“. Во тој период таа многу учи од диригентот Фимчо Муратовски и Ладислав Перлдик, вонсериски оперски корепетитор и диригент.