Младиот гевгелиски писател Стефан Марковски е единствениот македонски претставник на 10. јубилејно издание на тридневниот поетски фестивал „Денови на пријателите на книгата“, кој од синоќа до 12 ноември се одржува во Риека, во организација на Хрватското книжевно друштво.
Марковски е еден од шесте наградени автори за книги издадени надвор од границите на Република Хрватска, а наградата ќе му биде врачена вечерва за книгата „Смртта долетува насмевната“, збирка од раскази која годинава ја доби и наградата „Крсте Чачански“.
Наградената книга на гевгелискиот писател Стефан Марковски беше една од трите книги кои беа промовирани синоќа на отворањето на фестивалот во Риека, кое се одржа во просториите на Македонското културно друштво „Илинден“.