„Пипи долгиот чорап“ утре премиерно во Театарот за деца и младинци

Од:

Театарот за деца и младинци утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Пипи долгиот чорап“ по приказната на шведската писателка Астрид Линдгрен. Ќе ја режира Драгана Милошевски-Попова, а актерката Соња Стамболџиоска ќе го игра насловниот лик.

Режисерката на прес-конференција рече дека идејата да ја раскаже приказната за Пипи ја носи од детството кога на задачите за цртање во училиште децата често различно ги гледаат и прикажуваат работите.

– Низ приказната за Пипи да се поддржат децата кои имаат слобода и визија за нешто што е различно, да не мора сите да се облекуваме како под индиго, да се однесуваме на ист начин. Потребно е да дадеме свој израз и печат од детството, рече Милошевски-Попова.

Актерката Стамболџиоска се надева дека со улогата на Пипи ќе ги поттикне децата што ќе ја гледаат претставата од театарот да излезат послободни и посилни.

Адаптацијата ја направи драматургот Бојан Трифуновски, кој смета дека само за нас нелогичноста на Пипи, а за неа многу природниот начин на однесување и размислување, може да го скрши овој, како што рече, нереален и на погрешни нозе ставен свет.

– Пипи ја интересира само она што неа ја прави среќна. Треба карактер како оној на авторката Линдгрен, како Пипи, кој има генетски внесен цинизам што го пренесува во светската литература, рече Трифуновски.

Ќе настапат и Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ана Левајковиќ-Бошков, Предраг Павловски, Татјана Павловска-Кочовска, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Владимир Лазовски, Марија Ѓорѓијовска и директорот на театарот Драган Довлев, кој на прес-конференцијата рече дека очекува претставата да патува по фестивали и да има многу изведби. Сценографијата ја изработи Кирил Василев, а костимите Марија Пупучевска. Кореограф е Симона Спировска, а музиката е на Маријан Неќак.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“