Колективот ЛИГНА од германскиот град Хамбург денеска на покривот на ГТЦ во Скопје ќе одржи два перформанса насловени „Дисеминација насекаде!“ и „Слушна реакција на архитектурата“.
Настанот е продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ со поддршка од Гете Институтот – Скопје во рамки на 16. АКТО Фестивал за современи уметности и современи (не)демократии – интердисциплинарна платформа за едукација и продукција на современа уметност, кој се одржува во периодот на ноември-декември 2021 година во Скопје.
Концептот на АКТО 16 е на Ивана Васева, кураторка и на Филип Јовановски, визуелен уметник, а дизајнот е на КОМА.
ЛИГНА е колектив кој работи меѓу радио уметност и перформанс. Користејќи кореографски изразни средства, тие успеваат да го користат радиото како инструмент за политизирање на јавниот простор. ЛИГНА ја сочинуваат мултимедијалните и перформанс уметници Оле Фрам, Мајкл Хунерс и Торстен Михаелсен.
Од 2002 година нивната работа се посветува на создавање привремени ситуации, кои ја ангажираат публиката како колектив на продуценти како во примерот со перформансот „Радиобалет“ – колективно делување кое може да произведе непредвидливи, неконтролирани ефекти кои предизвикуваат регулирање на јавниот простор. Формирани како дел од радио станицата Freies Sender Kombinat во Хамбург, ЛИГНА сега работи на меѓународно ниво во различни уметнички медиуми помеѓу радио уметност, интервенциии во јавен простор, танц, перформанс и театар.
АКТО 16 е поддржан од Министерство за култура, Градот Скопје, Гете Институтот – Скопје и Фондација „Хајнрих Бoл“.