Филмот „Паразит“ во режија на Бонг Џун-Хо од Јужна Кореја го освои „Оскарот“ за најдобар странски филм, според бројот на гласови кои ги доби од членовите на Американската академија за филмски уметности и науки. Филмот раскажува приказна за сиромашно семејство кое со измами успева да се вовлече во домот на своите богати сограѓани, односно, за класните разлики во јужнокорејското општество. До овој момент, ова е втор „Оскар“ на 92. доделување на престижните награди, откако претходно, „Паразит“ доби награда за најдобро оригинално сценарио.
„Паразит“ воедно беше и најголем конкурент на македонскиот документарен филм „Медена земја“ во борбата за „Оскар“ во ова категорија.
За најдобар странски филм, покрај „Медена земја“ и „Паразит“ номинирани беа и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција и „Болка и слава“ од Шпанија.
92. доделување на престижните Оскари се одржува во театарот Долби во Холивуд. Втора година по ред, церемонијата нема водител, а телевизиски се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.
Претходно, „Медена земја“ не доби „Оскар“ ниту во категоријата за најдобар документарен филм. Наградата ја доби американскиот документарец, „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард, во продукција на продукциската куќа на Мишел и Барак Обама.