Да се учествува на Канскиот филмски фестивал беше феноменално искуство. Имав огромна шанса не само да учествуваме како филм на фестивалот, туку и да го отвориме Канскиот филмски фестивал што е посебен момент. Така што мислам дека дури и ако страдам некогаш од амнезија нема никогаш да го заборавам ова искуство бидејќи беше прекрасно. Прекрасен момент да се сретнам со актери, со режисери, да гостувам на телевизија на главниот дневник итн.. Едноставно кажано феноменално.
Ова го вели во интервју за МИА Род Парадо, актер од најмладата генерација на француската кинематографија кој ја игра главната улога во филмот „Со кренато чело“ на Емануел Берко, со кој беше отворен годинашниот 68. Кански филмски фестивал. По премиерата што се одржа на 13. мај, критиката го оцени како најголемо откритие на овогодинешниот фестивал, кој важи за еден од најстарите и најпрестижните филмски фестивали во светот.
Деветнаесетгодишниот Парадо заедно со Дијан Руксел и Антоан Лоран – уште двајца француски актери од новата генерација на француската кинематографија, беше гостин на Францускиот филмски фестивал, кој се одржа во Скопје и Охрид од 17-ти до 20-ти овој месец, а на кој македонската публика можеше да го проследи и неговото „првенче“, филмот „Со кренато чело“.
За улогата е избран од режисерката Берко во конкуренција на околу 35 момчиња кои биле повикани на кастинг, а во филмот настапува покрај филмската дива Катрин Денев, заедно со Беноа Мажимел и Дијан Руксел.
– Со Катрин Денев се сретнав пред самото снимање на филмот кога правевме проби за камерата. Јас бев истовремено и возбуден и импресиониран од неа. Многу ми се допадна средбата со неа. Меѓутоа истовремено бев исплашен, особено вториот пат кога требаше да се снима филмот, бидејќи пред мене ја имав Катрин Денев, која што е најмаркантната фигура во француската кинематографија, така што ми беше страв дали се добро ќе се одвива. Меѓутоа, соработка со неа беше многу добра. Таа направи се, како и Беноа, Сара и останатите актери за да се чувствувам добро. Така што иако доста работев за оваа улога сепак испадна се да функционира добро, вели Парадо.
Целосното интервју може да го прочитате во рубриката интервју.