Осмото издание на Интернационалниот Фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2015“ ќе се одржи од 3 до 7 октомври. Претставите ќе бидат изведени во Театар Комедија, Драмски театар и на малата сцена на Македонската опера и балет.
– На Фестивалот ќе бидат изведени три претстави од областа на физичкиот театар и две претстави од областа на пантомимата, рече денеска на прес-конференција уметничкиот директор на „Панфиз“, Трајче Ѓорѓиев.
На отворањето на Фестивалот на 3 октомври во Театарот Комедија ќе биде изведена претставата „Мажите се поинакви, а и жените исто така“ на артистот пантомимичар Дамир Дантес од Швајцарија, кој во 2010 година ја освои наградата на „Панфиз“.
Втората вечер на 4 октомври во Драмскиот театар ќе биде изведена претставата „Кешчевецсе“ на Мovement studio од Романија. Првпат на Фестивалот гостува младиот артист од Бугарија, Јасен Попов чија претстава „Граници“ ќе биде изведена на 5 октомври во Драмскиот театар.
На 6 октомври на малата сцена на Македонската опера и балет ќе биде изведена „SyNovial“ во која настапуваат Марек Зелинка и Мартин Талага од Чешка кои првпат ќе гостуваат на Фестивалот.
На затворањето на „Панфиз 2015“ на 7 октомври на малата сцена на МОБ ќе биде изведена претставата „Пиеса за двајца“ на Александрос Михаил театар од Грција. По изведбата на претставата ќе биде доделена и наградата на Фестивалот во висина од 300 евра.
– Жирито на Фестивалот е во состав Тодор Кузманов, новинар во Македонското радио, Дарко Спасов, драматург во Театар Комедија, а за третиот член се уште преговараме, посочи Ѓорѓиев.
Спасов истакна дека „Панфиз“ е еден од ретките фестивали во Европа.
– Во последно време фестивалите во Европа посебно на Балканот замреа. Нашиот Фестивал и Фестивалот во Белград се можеби единствените фестивали посветени на пантомимата на картата на ова подрачје кое го спомнав, кои се уште опстојуваат, рече Спасов.
Актерката Снежана Коневска Руси рече дека програмски во речиси сите сценски изведби се провлекува машкиот или женскиот идентитет.
– Скоро во сите изведби ќе го пронајдете тоа ткиво машко и женско или натпревар меѓу нив со една голема енергија, голем ритам и сценски движења. Актерот може да игра на сценатата и без светло и без реквизити и без сценографија и тоа е моќта на телото односно моќта на пантомимичарот, додаде Коневска Руси.
Билетите се продаваат по цена од 100 денари. Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура.