Третата самостојна изложба на Дороти Пачкова, со наслов „Ова е само став на уште еден уметник во големиов свет“, ќе биде отворена на вечерв (8 јули) во Галерија „Ко-ра“ при Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Делата што ќе бидат претставени се создавани во последниве три години.
– Секој набљудувач ја има слободата да го искусува моето творештво на сопствен начин, според својата состојба на телото, душата и духот, но и покрај тоа да ја почувствува мојата свест, постојаното присуство на отпор и можностите за содејствување, искусувајќи ја вибрантноста на границите во кои ординирам. Идентификувајќи се еден помеѓу друг, ги преминуваме сопствените граници, ги отвараме и на тој начин искусуваме дел од животот на другиот, ја чувствуваме инаквоста со нејзината еволутивна сила и аксиолошка тежина. Нурнувајќи во себе, па потоа и во оние околу нас, или оние во кои ќе одбереме или, пак, несвесно ќе ни се случат, ја реализираме полнозначноста на постоењето и стануваме побогати и пошироки, па така посреќни и поосмислени за себе и општествово, за светов, вели Дороти Пачкова за својата нова изложба
„Оваа трета самостојна изложба на Дороти Пачкова е во контекст на нејзините претходни две самсостојни изложби со ангажиран карактер, со интенција за акцентирање на улогата на индивидуата како хумано битие кое е еден активен сегмент во општеството. Дороти Пачкова е млад автор,но едновремено полна со ангажирана креативна енергија фокусирана во реализацијата на истражувања, со примена на разнородни медиуми, како дел од нејзините процеси на трансмисија на нејзината егзактна визија на реструктурирање на светот и општеството во похумано…“, пишува Виолета Калиќ, по по повод оваа изложба
Сепак, „ова е само став на еден уметник во големиов свет“ каде имаме безброј неисцрпни теми и области за преобмислување и пресоздавање, додава авторката, која на Годишната изложба на ДЛУМ, годинава ја доби наградата „Петар Мазев“.
Во галеријата „Ко-ра“ ќе бидат изложени повеќе нејзини дела, акционо насликани во акрилна техника. Изложбата ќе биде поставена до средината на август.