Стручни екипи на НУ Завод и Музеј-Битола го завршија пролетното отворање на мозаиците во античкиот локалитет Хереклеја Линкестис со што туристите и останатите гости повторно ќе можат да ги набљудуваат мајстрорствата и реткостите во овој локалитет.
Заштитата на мозаиците со песочно покривање се врши во зима заради ниските температури и снегот, а пролетното откривање завршува во овој дел на годината кога тие стануваат достапни за јавноста, потврди Љиљана Христова, директорка на НУ Завод и Музеј-Битола.
– Од денес сите домашни и гости од странство што ќе го посетат античкиот локалитет Хераклеја, непречено може да ги видат трите големи мозаици, односно нартексот Голема базилика, нартекс и наос на Мала базилика и крстилницата. Заштитата или прекиривката со песок е стандардна процедура за да мозаиците не се оштетат во текот на зимата и високата снежна покривка, а сега отворени, мозаиците ќе бидат достапни на јавноста до доцна наесен, посочи Христова.
НУ Завод и Музеј-Битола деновиве се подготвува за повеќе настани и манифестации од негова надлежност, како и за најновото издание на графичкото триенале.