Отворена јубилејната 10. Македонска книжевна визита во Софија

Од:

Со голем поетски митинг вечерва во Македонскиот културно-информативен центар во Софија започна јубилејното 10-то издание на „Македонска книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и градење врски меѓу двата книжевни света.

Пред присутните се обрати директорот на Македонскиот културно-информативен центар Васко Шутаров кој истакна дека за овие 10-тина години се изорани многу нови бразди на препознавање, зближување и вистинско партнерство меѓу двете соседски култури, особено на планот на книжевноста преку создадените десетици и десетици нови пријателства и проекти, нови книги.

– Оваа визита, 10–та по ред, помогна и го поттикна преведуваштвото и книгоиздаваштвото, но најнапред создаде вистински и трајни релации меѓу мајсторите на зборот од двете земји, истакна Шутаров.

Владимир Цветкоски уредник во книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје кое е организатор на книжевната визита во соработка со МКИЦ, изрази задоволство што оваа културна манифестација чија мисија е афирмација на македонската литература во странство и создавање поголеми контакти меѓу македонските и бугарските писатели, поттикнала и други слични иницијативи.

– Наша гордост се оние 70-тина томови кои што во текот на овие 10 години заедно со поетитети и писатели од Бугарија и од Македонија успеавме да придонесеме кон едно поголемо вмрежување и се поголемо заемодејствие меѓу двата културни света, рече Цветкоски.

Од името на Сојузот на бугарски писатели и од Друштвото на писатели на Македонија кои годинава одбележуваат 25 години од првиот договор за соработка обраќања имаа Димитар Христов и Кристина Николовска.

– Првиот договор кој беше склучен меѓу две културни институции меѓу двете држави по прогласувањето на независноста на Македонија беше догоорот меѓу СБП и ДПМ. Тоа беше еден огромен гест на пријателство во време во кое се слушаа најразлични гласови. Но, тие гласови стивнаа, а пријателството продолжува. Благодарност до сите оние кои во изминатите 25 години, односно во 10-те години од македонската книжевна визита работеа и на свои плеќи го изнесоа она што значи организација, финансирање и откривање на таленти, оти без тие таленти не може да се потхранува едно вистинско пријателство. Голем дел од нив се вечерва тука со нас, рече Христов.

Македонската поетеса Николовска потсетувајќи на јубилејот 70 години од ДПМ, оцени дека воспоставената соработка меѓу книжевниците, преведувачите на двете земји е антологиска со своја длабока порака.

– Ние сите вечерва сме порака и ќе бидеме порака неколку дена, оти конкретни проекти, конкретни вистини и пораки му кажуваме на светот и оти светот е само реплика на големите поезии. Ние го осмислуваме, преосмислуваме светот преку поезија и на најубав начин покажуваме што е тоа синергија во двете грандиозни култури, што е тоа дијалог, соработка, што е тоа златен преплет и како нашите духовни води се преплетуваат заедно. Се поклонуваме пред тие наши најдлабоки соработки пред она што ќе остане милениуми после нас од име на сите проекти, сите манифестации што досега сме ги направиле, истакна Николовска.

Во чест на јубилејната 10-та Македонска книжевна визита пред културната јавност во Софија на поетскиот митинг со свои стихови се претставија дваесетина бугарски и македонски истакнати поети од сите генерации. Меѓу нив и Радован Павловски, Петар Караангов, Гордана Михаилова Бошнакоска, Никола Инџов, Ристо Василевски, Георги Константинов, Георги Барбаровски, Надја Попова, Кети Бозукова, Данило Коцевски, Роман Кисјов, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Кристина Николовска, Николај Шопов, Иван Џепароски, Поли Муканова, Братислав Ташковски, Вања Савова, Зоран Јакимоски, Владимир Левчев и Марина Мијаковска.

Големиот бугарски поет и венценосец на СВП Љубомир Левчев, во неможност да пруствува на манифестацијата, до учесниците на визитата упати поздравно писмо со порака дека „посакува низ овие средби да ја види иднината на нашите литератури овенчана со уште поголемо духовно почитување“. – Патот кој го минува македонската литература е тежок. Нашиот бугарскиот, може е различен, но не е полесен. Нека слободниот пат на иднината не зближува и инспирира, напиша Левчев.

Според програмата на манифестацијата, утре ќе се одржи панел дискусија со која ќе биде одбележана и 25-годишнината од потпишувањето на првиот договор за соработка меѓу Сојузот на бугарските писатели и Друштвото на писателите на Македонија. Пред љубителите на пишаниот збор утревечер на книжевната визита во Софија, ќе биде претставен книжевниот портрет на современиот македонски поет, критичар, филизоф и естетичар Иван Џепароски, за чие творештво ќе говорат македонските писатели Данило Коцевски и Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.

Традиционално, и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е преведувачката и писателка Тања Попова, која во својот опус има десетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Бугарија

Софија е подготвена да потпише договор со Скопје за прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8

Бугарската влада на Росен Желјазков го преживеа гласањето за недоверба

ВИДЕО: Повредените во бугарските болници се стабилни, ќе бидат потребни и пластични операции

Катерина Ѓуровски

Во Софија илјадници луѓе оддадоа почит на загинатите во Кочани

Состојбата на 14-те повредени кои се лекуваат во Бугарија и натаму е сериозна