Во рамки на Европските денови на културното наследство, кои започнаа вчера и ќе траат до седми октомври, денеска во Музеј галерија Кавадарци беше отворена изложбата „Културното наследство во Кавадаречко“.
-Станува збор за изложба од музејска дејност, која ја отвораме во соработка со градоначалникот Митко Јанчев, Советот на општината и Министерството за култура. Преку фотографии и музејски експонати, презентираме дел од богатото културно движно и недвижно наследство, археолошки локалитети, материјални остатоци, манастири и цркви, рече директорката Весна Ѓорѓиева, нагласувајќи дека деновиве ќе има и едукативни предавања во врска со оваа тема.
Таа додаде дека Тиквешијата, кавадаречката област спаѓа во регионите со голем број на археолошки локалитети, кои сведочат за животот уште од најраните епохи.