Изложба на слики и цртежи изработени во пастел и акрилни бои испирирани од познати национални и светски танци и музика, на Владимир Величковски, историчар на уметност, е отворена денеска во салонот на Управната зграда на Скопски саем.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето пред присутните на отворањето на изложбата насловена „Редизајн на слика-замисли го танцот“, рече дека Величковски со својот интелектуален и творечки сензибилитет зазема значајно место на културната сцена.
– Делата кои се пред нас се одраз на ликовната зрелост на авторот Величковски и тие ги содржат сите карактеристики на неговата уметност, хералдичките знаци на неговото творештво. Сликите и цртежите кои се дел од оваа изложба претставуваат синеастички експеримент изведен со брзи потези кои со својата сумарна форма добиваат наличје на хаику творештвото, посочи Канческа Милевска.
Таа истакна дека творештвото на Величковски во својот ликовен пристап инклинира кон делата на познатиот австриски сликар Оскар Кокошка, од кој – како што и самиот вели – најмногу учи.
– Визијата на Величковски е сончева, инспирирана од топлиот колорит на македонското поднебје. Тој е восхитен од македонското оро, чиј ритам го насочува и неговиот основен сликарски импулс и му отвора нови перспективи. Танцот како исконски елемент на постоењето во делата на Величковски говори за неговиот израз во кој формата исчезнува во трпеливоста на светлината, а таа ја трансформира убавината во сон кој се случува сега и тука, додаде министерката Канческа Милевска.
Уметникот Величковски рече дека сликарството е израз на длабока потреба.
– Ова што е тука присутно е резултат на една длабока потреба. Можеби има разлика меѓу инспирација, чувство, потреба и она што се реализира бидејќи сликарството е реализација, додаде Величковски.