Во рамки на одбележување на 11-ти септември-Денот на ослободувањето на Струмица, синоќа во изложбениот салон на НУЦК „Антон Панов” беше отворена изложба на делата создадени на годинашната 50-та Меѓународна струмичка ликовна колонија.
За растежот и развојот на најстарата манифетација од областа на културата во Струмица, Меѓународната ликовна колонија, говореше директорот на Центарот за култура,Иван Јовев,кој истакна дека и по пет децении,оваа манифестација и нејзините учесници ги откриваат тајните и убавините на сликарството,вајарството и мозаикот.
– И годинава пред нас се делата, кои нашите гости во изминатиот месец ги создадоа и ги оставија како траен спомен во богатата ризница на Струмичката ликовна колонија. Во сите овие дела ќе видете дел од душата на уметниците,нивните емоции и импесии од топлото струмичко поднебје. Покрај сликите на Јашар Чали,Мишел Клосе,Васил Алачев,Гулај Јуксел и други ќе ги забележете мозаиците на Газамфер Бајрам,Фабио Барди,Горги Томовски, а тука се и вајарските дела на Џоре Аралица и Павел Василев. Мислам дека оваа јубилејна 50-та Ликовна колонија е комплетна и целосно заокружена и по стил и по форма и дека овие дела се мегници за идните гости и учесници на оваа уметничка манифестација, рече директорот Иван Јовев.
За академската сликарка Ана Филев, која трет пат учествува на Струмичката ликовна колонија, манифестацијата е прекрасно место за дружење и размена на искуства.
– Годинава продолжувам со мојот циклус ”Игра на сенки на парче хартија”. Моја инспирација се токму формите и игрите од бои кои ги прави светлоста од различрн агол.Тоа е апстрактна уменост,која дава целосна слобода на духот и на уметникот и на авторот, вели сликарката Ана Филев.
Изложбата на дела од 50-та Меѓународна струмичка ликовна колонија ќе биде на показ пред струмичани до крајот на септември, а потоа ќе биде претставена во повеќе градови во државата.