Изложбата на дела создадени на последните три ликовни колонии „Љубанци“ синоќа беше отворена во општина Бутел.
Градоначалникот на Бутел Велимир Смилевски ја отвори изложбата и изрази задоволство од бројот, но и од квалитетот на уметничките дела.
– Негувањето и растежот на ликовната традиција во општина Бутел ќе продолжи. Веќе во јуни ќе ја одржиме осмата ликовна колонија „Љубанци 2018“, истакна Смилевски.
Изложени се 50 дела на 28 ликовни уметници, учесници на последните три одржани ликовни колонии во живописното Љубанци. Љубителите на ликовната уметност имаа можност да видат: 44 слики, два релјефа во дрво, три скулптури во дрво и една скулптура во мермер.
Покрај уметничките дела на нашите ликовни уметници Данчо Ордев, Владимир Лазоски, Орце Гогов, Новица Трајковски, Харалампие Манчев и други, може да се видат и сликите на уметниците од Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Станува збор за истакнатите ликовни уметници: Боштјан Плесничар, Владан Ранѓеловиќ, Ирена Ранѓел, Теодора Јанушка, Мита Ристиќ и др.
На изложбата беше промовиран специјално подготвениот каталог во кој се презентирани уметниците и нивните дела. Настапи гудачкиот квартет „Полихимнија“ од Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 4 мај годинава.