Во Кучково, општина Ѓорче Петров, денеска беше отворена 10-тата Детска ликовна колонија. Годинава учествуваат 45 ученици од основните училишта од општината и од Град Скопје и од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.
Ликовната колонија ја отвори градоначалникот на општината Ѓорче Петров Сокол Митровски, кој на учесниците им посака успешна работа.
Децата беа распоредени на три локации: кај манастирот „Св. Ѓорѓија“, среде селото Кучково и во близина на етно-селото Старо буре. На сите ученици им беа доделени дипломи за учество и прибор за боење и цртање. Децата беа облечени во маички со логото на ликовната колонија, а превозот до Кучково го обезбеди општина Ѓорче Петров.
Младите уметници своите дела ги создаваат во најразлични техники, како молив, јаглен, акрилни и темперни бои, а ја сликаат старата селска архитектура, пејсажи, птици, народни носии…
Изработените слики ќе бидат изложени на претстојниот народен собир „Ден на крстот“ кој на 1 Мај ќе се одржи во месноста Јазбине во непосредна близина на селото Кучково.