Од 10 до 12 јуни во Младинскиот културен центар ќе се одржува третиот Интернационален саем на современа уметност „Паратисима Скопје“.
Отворениот повик за учесници истекува на 30 април и е отворен за сите заинтересирани без селекција за учество. Линк до апликацијата: http://paratissimaskopje.mk/
– „Паратисима Скопје“ и оваа година повторно ќе награди до 10 учесници и ќе им овозможи своето дело да го изложат на саемот за уметност Паратисима во Торино, Италија, од 2 до 6 ноември 2016 година – http://paratissima.it, соопшти организаторот на саемот.
Куратор на ликовната поставка на третиот саем „Паратисима Скопје“ е Јованка Попова, според која искуството од претходните изданија ја потврдило потребата од посебен вид уметничка платформа отворена за работата на веќе докажани уметници, уметници во почетна фаза од нивниот уметнички развој, но и на сите креативци без формална уметничка наобразба, а со желба да ги претстават своите дела пред поширока публика.
– Платформата по третпат ќе отвори простор за идентификување и профилирање на млади таленти на локалната уметничка сцена, нивно интернационално претставување, но и можност за македонската публика да се запознае со работата на уметници од регионот или уметници кои се веќе интернационално препознаени. Истовремено, пријавените автори ќе имаат прилика да го збогатат своето уметничко портфолио, да добијат професионални совети и насоки за развој на нивната уметничка пракса и да бидат претставени пред мноштво куратори, галерии и уметнички институции, изјави Попова.