Во Струга започна со работа традиционалниот, деветти по ред ликовно-образовен камп „Вангел Коџоман“ во организација на Детскиот ликовен центар од Скопје.
Околу 40 млади ликовни таленти од Македонија сместени во детското одморалиште „Мајски цвет“, за време на ликовната колонија под менторство на неколку афирмирани професори по ликовна уметност ќе се образуваат за работа во повеќе ликовни техники. Ќе работат цртеж-молив на хартија, туш и перце на хартија, ќе сликаат со темперни и акрилни бои на платно. Во графичката работилница ќе работат на идејна скица и цртеж со подготовка за печатење на хартија со печатарски бои на издлабен линолеум.
Учесниците на кампот во текот на еднонеделниот престој ќе посетат и повеќе културно-историски објекти и места во Охрид и Струга кои ќе бидат дел од темите на кои ќе творат, како црквата Св.Софија, Св.Канео, Плаошник, мотиви од старата чаршија во Струга, Радожда, Калишта.
Изработените ликовни творби ќе бидат презентирани на изложба на 8. Септември-Денот на независноста на РМ во галеријата на Детскиот ликовен центар во библиотеката „Другарче“-Кинотека на Македонија. Манифестацијата е помогната од Министерството за култура, Општина Карпош и семејството Коџоман.
Ликовната колонија е посветена на еден од основоположниците на современото македонско сликарство, доајенот на ликовната педагогија и ликовната уметност во Македонија, академик Ванѓел Коџоман.