Отворен 57. фестивал „Охридско лето“

Од:

На Античкиот театар во Охрид вечерва свечено беше отворено 57-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија „Охридско лето“, која во наредните 40-ина дена ќе се одвива под мотото „Патот на магијата“.

Фестивалот за отворен го прогласи неговиот покровител – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој истакна дека зачекорувањето на патот кон магијата е, всушност, чекорење по патот кон моќта.

– Но тоа не е онаа себична моќ да се доминира и контролира, туку алтруистичка моќ да се креира и споделува. Тоа е моќта на уметноста. Веќе 57 години фестивалот „Охридско лето“ е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж по убавина, добрина и слобода. Оттука, нема подобар начин да го започнеме нашето патување освен преку џезот, чие второ име е слобода, рече претседателот Иванов.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски истакна дека е голема одговорноста кон традицијата, пред се, кон нашите уметници и културни работници кои, како што рече, го градеа и го градат ова живо културно богатство, кон сите големи светски и домашни ументички имиња кои продефилираа на сцената на оваа искчучително квалитетна прослава на уметноста.

– По повеќе од половина век изградба на „Охридско лето“, манифестацијата стои исправена пред предизвиците на модерното време, новите културни наративи, новите технологии, уметнички изрази и новата публика. Сигурни сме дека во периодот што доаѓа „Охридско лето“ ќе понуди нова визија за новите времиња, рече Алаѓозовски.

Фестивалската порака ја кажа актерот Мето Јовановски, а фестивалот, првпат во својата историја, почна со џез-концерт. Настапува американскиот џез-квартет „Форплеј“ со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Емин Џијан.

Организаторите на фестивалот за оваа година најавија рекордни 57 настани, а Охрид ќе биде домаќин на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји, меѓу кои од Кина, Индонезија, САД, Холандија, Италија, Русија, Австрија, Канада…

Во музичкиот дел од програмата, покрај воведувањето џез-вечери, се и гостувања на Рок Симфони, Влатко Стефановски и Камерен оркестар – Битола, како и ЕЛК Камерен оркестар од Кина. Фестивалската публика ќе има можност да проследи и настапи на домашни реномирани уметнички институиции и солисти.

Во драмскиот дел од програмата се претстави на домашни и странски театри, меѓу кои „Кралот Лир“ од Шекспир во изведба на Турскиот театар од Скопје во режија на Диего де Бреа, како и „Сон на летната ноќ“ исто така од Шекспир на американскиот режисер Џон Блондел, а во изведба на Битолскиот театар. Театарот од Велес Ј.Х.К- Џинот“ ќе ја изведе претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски. Ќе настапат и Камерниот театар 55 од Сараево со претставата „Жаба“, „Отело“ во продукција на Театарот на бугарската армија од Софија, а ќе се одржи и концертно шоу „Меџик нешнл“ во режија на Јон Карамитру во продукција на Националниот театар од Романија.

Програмските содржини до 20 август ќе се одржуваат на познатите фестивалски локации – Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Св. Софија“ и нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма