Од денеска до 3 септември во Богданци традиционално по осми пат ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот.
На годинашната главна сесија ќе учествуваат 12 уметници, графичари од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Ниш, Нови Сад, Сараево и Софија.
Ментор на работилницата ќе биде Рената Папишта, редовен професор на Академијата за ликовни уметности во Сараево.
Од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, кое е организатор на работилницата, информираат дека нејзината цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за реализација на нивните дела.
Според нив, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион.
Завршната изложба ќе се одржи на 3 септември во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а во текот на наредните месеци се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. Досега низ неа продефилираа над 120 млади графичари од целиот регион.
Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.