Оперскиот ансамбл на Уметничката академија од Осијек, Хрватска, гостува на фестивалот „Скопско лето“ и вечер од 21 часот на плоштадот „Мајка Тереза“ ќе ја изведе комичната опера во два чина „Така прават сите“ од Моцарт.
– Оперскиот ансамбл на Уметничката академија во Осијек е формиран во 2010 година со цел оперското дејствување да биде јавно. Ги собираат бившите и сегашните студенти на Уметничката академија во Осијек, професорите по музика како и гостите од земјата и од странство. Покрај целосни оперски изведби, ансамблот изведува и концертни настапи на опери и оперети, но и на други вокални дела од музичката литература, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје која е организатор на „Скопско лето“.
Меѓу најзначајните опери изведени од овој ансамбл се: „Дидона и Енеј“ од Хенри Пурцел „Никола Шубиќ Зрињски“ од Иван Зајц, „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, оперетата „Лилјакот“ на Јохан Штраус помладиот, „Така прават сите“ од Волфганг А. Моцарт, „Љубовна напивка“ од Гаетано Доницети, а ја подготвува и операта „Фигарова свадба“ од Моцарт.