Онлајн-платформа на „Остен“ за вмрежување на македонските уметници

Од:

Галеријата „Остен“ во соработка со светската дата-база за уметници Артфактс.нет од Берлин ќе развие онлајн-платформа што ќе биде прва македонска глобална заедница за уметност.

Целта е меѓусебно поврзување на македонските ликовни уметници и на сите други субјекти во уметноста, како куратори, галеристи, колекционери и љубители на уметноста. Во изработка на платформата „Остен“ ќе биде помогнат од Артфактс.нет (www.artfackts.net) која е меѓу најголемите бази со податоци и анализи за водечките интернационални уметници.

Извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска рече дека идејата е разработувана подолго време, а целта е вклучување во модерните текови.

– Веќе не е работа на избор дали ќе бидеш на интернет, дали сакаш или не сакаш, процесите во глобалниот свет едноставно го наложуваат тоа и ние решивме што поскоро да фатиме чекор со нив. За таа цел направивме проект, ги избравме нашите партнери за изработка на софтвер – компанијата „Форвард“ од Македонија и ги поканивме Артфактс.нет да соработуваме на проектот зашто има допирни точки меѓу нивната работа и она што ние планираме да го направиме. Платформата ќе претставува можност за онлајн-интеракција помеѓу создавачите на уметност и консументите на уметност, изјави Конеска.

Таа појасни дека уметниците во платформата ќе бидат поделени во повеќе нивоа – од уметници-ентузијасти, преку професионалци до етаблирани легенди во уметноста. Покрај творците на уметност, ќе бидат вклучени и оние кои неа ја примаат – кураторите, историчарите на уметноста, уредници на списанија за уметност, колекционери и љубители на уметноста кои сакаат да бидат во тек. Тие ќе имаат можност да даваат оценки и коментари за она што ќе го видат на платформата.

Глобалната платформа Артфактс.нет функционира во Берлин од 1999 година. Содржи информации, квалитативни и квантитативни, за уметници во светот (современи и починати), за нивни дела, целосна евиденција на изложби од првиот Зимски салон во Париз во 19 век…и врз база на сето тоа се прави ранг-листа од која може да се види позицијата на одреден уметник на глобалната сцена.

– Мотото на Артфактс.нет е дека историјата на уметноста може да се следи преку историјата на изложбите. Соработката ни е од големо значење. Ние ќе се поврземе технички со нив и уметниците што ќе бидат на платформата на „Остен“ ќе може да се рангираат преку ранг-листата на Артфактс.нет, додаде Конеска.

Директорот на Артфактс.нет Марек Класен изјави дека „Форвард“ и „Остен“ прават напреден проект за сорабтка на уметниците и е задоволен што во неговото креирање помага Артфактс.нет што тој го раководи од 2001.

– Во ерата на глобализација е важно да се биде поврзан и да се соработува со странски уметници, особено ако сте од мала земја. Платформата ќе биде место за естетски натпревар  на делата на македонските уметници со уметниците од светот, рече Класен.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска