„Оливер Твист“ – премиера на Театарот за деца и младинци

Од:

Театарот за деца и младинци вечер премиерно ќе ја изведе оперетата „Оливер Твист“ според истоимениот роман на Чарлс Дикенс, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, кој е и автор на драматизацијата. Премиерата на ова познато дело и лектира во основно училиште, овојпат во стихувана форма, е дел од програмата на „Скопско лето“.

Претставата е наменета за деца над 10 години. Режисерот Јаниќијевик на прес-конференција рече дека „Оливер Твист“ е ремек-дело во целата британска книжевност, со комплексна  структура, 63 ликови, силен емотивен набој и со жесток однос кон неправдите во тоа време, поради што е и  многупати филмувана, драматизирана и наградувана.

– „Оливер Твист“ многу влијаеше на мене уште како дете – и на ниво на некои етички вертикали што ги имам и денес, и на ниво на естетска структура, зашто цел тој викторијански период мене ми е многу драг. Овој проект ми е битен цел живот и оваа е можеби најдобрата претстава што досега сум ја работел.  Се обидов да ја задржиме сериозноста и поентата на Дикенс, но да ја изразиме на друг начин – да ја задржиме сериозноста, но да не биде со солзи. Се обидов и целата  структура што ја има во книгата да ја ставам во либретото. Првпат пишувам во стих и колку што е забавно, толку е и напорно, рече Јаниќијевиќ.

Оливер Твист ќе го игра Бојан Кирковски, кој во едночасовната приказна со многу музика и пеење, ќе го оживее  ликот на  8-годишното момче кое ќе израсне  во сиропиталиште  и ќе мине низ многу неволји и бездушност пред да биде спасено. Учествуваат и Изабела Новотни, Наташа Петровиќ, Симона Спировски, Владимир Лазовски, Драган Довлев, Мики Анчевски, Мартин Јордановски и Ненад Митевски – деветмина актери кои ќе одиграат 26 ликови. Во функција на приказната е сценографијата и костимите на Кирил Василев и музиката на Игор Василев.

Театарот за деца и младинци со „Оливер Твист“ ја заокружува трилогијата премиери на лектирни изданија поставени во изминатите шест месеци – заедно со „Грдото пајче“ во декември и „Пипи Долгиот Чорап“ во март. Според директорот Драган Довлев,  претставата ќе биде интересна за децата кои се нивни редовни посетители, зашто се работи за нов жанр.

– Првпат поставуваме ваков жанр, кој е тежок и дадовме максимум. Идејата е стара две години. Либретото на Срѓан е меѓу посериозните и поиздржаните текстови што досега сме ги добиле, истакна Довлев.

Со оваа претстава театарот ќе се придружи на минатогодишното светско одбележување два века од раѓањето на големиот британски писател Дикенс (1812-1870), кој е наречен хориничар на најсиромашните слоеви и борец против општествените неправди.

Оваа национална установа ја завршува сезоната со 108 изведби. Му претстојат два настапа во Црна Гора со „Пипи Долгиот Чорап“ – на  фестивалот во Котор на 6 јули и во Херцег Нови на 9 јули.

Од септември до крајот на годинава ќе има уште две премиери  – младинската претстава „Нашиот клас“ на Тадеуш Слобоѕианек во режија на Владимир Милчин и „Бајка за царот Нај“ на Снежана Иљоска-Наумовска во режија на Коле Ангеловски.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“