Незаборавното музичко доживување на Енио Мориконе, со чиј настап на Античкиот театар во Охрид беше отворено 49. „Охридско лето“, ја круниса уметничката вредност на историјата на фестивалот. Вистинските уметнички вредности оставаат вечни траги кои ќе се паметат и по смртта. Огромна и вечна ќе биде благодарноста за придонесот на големото композиторско име, оскаровецот Енио Мориконе, во развојот и афирмацијата на оваа врвна светска културна манифестација, соопшти фестивалот „Охридско лето“ откако беше објавено дека денеска почина италијанскиот и светски познат композитор и диригент.
Дирекцијата на нашата најголема музичко-сценска манифестација соопшти дека Античкиот театар беше претесен за сите што сакаа да уживаат во настапот на Мориконе пред 11 години кога, како што наведува во соопштението, „по секоја музичка целина следуваа гласни аплаузи и овации од гледачите што од почит кон композиторот застануваа на нозе и бараа уште музика“. Од сцената на Античкиот театар, додава Дирекцијата на фестивалот, „маестрално прозвучија 20-те филмски музички теми кои оскаровецот Мориконе ги создал во својата долга и богата композиторска кариера“.
– Искрено жалиме што заминува уште еден голем уметник, кој со неговите дела остави неизбришливи траги во историјата на „Охридско лето“. Како диригент со повеќе од двесте уметници, хорот на Македонската опера и балет и филхармонискиот оркестар „Гјор“ од Унгарија, неговиот неповторлив настап на свеченото отворање во 2009 година се врежа во меморијата на бројни љубители на уметноста кои и ден-денес се присетуваат на двочасовната филмска приказна, во која имаше композиции од повеќе легендарни филмови како: „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот запад“, „Недопирливите“, „Мисија“, „Сицилијанскиот клан“, „Една ноќ на вечера“, „Грст динамит“, „Битката кај Алжир“, „Истрага на граѓанин под сомнение“, „Така тврди Перира“, „Работничката класа оди во рајот“… Музички совршениот Мориконе ќе остане запаметен како уметник кој на повеќеилјадната публика и приреди концерт кој нема да се повтори токму како и самиот негов наслов „Беше еднаш во Македонија“, настан што е реткост и претставува вистинско доживување да се биде дел од него, пишува во соопштението на „Охридско лето“.
Во него се додава и дека славниот композитор бил одушевен од Охрид и Античкиот театар и од можноста неговиот концерт да се одржи на тој простор.
– Избегнувам да давам премногу комплименти, но ова е еден посебен град, посебно место и тоа сакам да го нагласам во оваа прилика. Голема чест ми е што јас ќе го отворам фестивалот „Охридско лето“, кажа Мориконе при престојот во нашата земја во 2009 година, кога доби и Медал за заслуги за Македонија.
Оскаровецот Енио Мориконе почина на 91 година. Според италијанската новинска агенција АНСА, Мориконе починал во клиника во Рим како последица на пад минатата недела, кога скршил бутна коска.
Во својата плодна кариера тој создаде музиката за повеќе од 500 филмови и за некои од најзначајните режисери на 20 век, како: Бертолучи, Серџо Леоне, Пазолиини, Оливер Стоун, Алмодовар, Брајан Де Палма, Бери Левинсон, Терек Малик и многу други.
Енио Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година. Познат е по своите бројни филмски музички теми, од кои 30 напишал за вестерн филмови, по кои ќе стане препознатлив. Неговиот карактеристичен и мошне имитиран стил на компонирање за овој жанр на филмови може да се долови преку музиката за филмот „Добриот, лошиот и грдиот“ на режисерот Серџо Леоне со кого Енио Мориконе имал долга и плодна соработка.