„Охридско лето“ продолжува со концерти преку цела година, вечерва Велигденски концерт „Воскресение твоје“

Од:

Во организација на НУ „Охридско лето“ а по повод големиот верски празник Велигден вечерва во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот ќе се одржи концерт „Воскресение твоје“ со Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје под диригенската палка на Летка Димовска Полизова a ќе настапат солистите Надежда Рубен, Јасмина Димитровска и Анета Баталаковска.

Од НУ „Охридско лето“ велат дека ваквата новина е на радост на публиката. Според директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ, целта е да се создадат можности за уживање на љубителите на врвната уметност оти токму „Охридско лето“ е најголемата и најзначајната музичко-сценска манифестација кај нас.

„По успешно одржаните концерти, новогодишниот и концертот за денот на жената најавуваме уште еден убав настан кој се реализира надвор од традиционалната рамка на „Охридско лето“. Со тоа успеваме да ја збогатиме културната понуда на градот но исто така ги реализираме зацртаните цели, Фестивалот да ја прошири фестивалската програма и во текот на целата година“, вели Поповиќ.

Според Поповиќ на „Охридско лето“ му е потребно континуирано делување, а не само настани ставени во фестивалска рамка.

Билетите за вечерашниот концерт по цена од 200 денари можат да се набават на влез на црква Св. Софија пред почеток на концертот.

„Св.Злата Мегленска“ преку своето 27-годишно континуирано работење стана хорски расадник и културен храм каде со огромна љубов и посветеност ги поттикна и ги стави во функција сите хорски состави на афирмирање на православната хорска музика ширум светот.

„Св.Злата Мегленска“ во јавноста се промовира како културен амбасадор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, концерти, предавања и слични настани од областа на хорската култура. Освен музицирањето и пријателското дружење, хорот се стреми кон подигање на патриотските чувства, будење на националната свест и негување на традиционалните вредности.

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година. Составен е од 22 женски вокали кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите државни универзитети во Република Северна Македонија.Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е академскиот музичар Летка Димовска Полизова.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор