„Охридско лето“ и Театарот за деца и младинци ја всадуваат љубовта кон уметноста кај најмладата публика

Од:

Фестивалот „Охридско лето“ и Театарот за деца и младинци-Скопје ја израдуваа најмладата публика со куклената претстава „Јованче и Марика“ во режија на Давор Драгојевиќ од Подгорица што беше одиграна вчеравечер на сцената „Долни Сарај“ во Охрид.

Беспрекорната 50-минутна игра на актерите од Театарот за деца и младинци од Скопје максимално ги задржа вниманието и концентрацијата на децата од различна возраст кои уживаа во едни од омилените ликови што ги создале браќата Грим.

-„Јованче и Марика“, една од поубавите бајки на браќата Грим првпат ја изведуваме во досегашното постоење на нашиот театар. Ние актерите сме премногу возбудени зашто одамна не сме ја играле, ниту неа, ниту другите претстави од нашиот репертоар.Претставата е куклена и тоа е нешто што го прави процесот уште повозбудлив затоа што е многу тешко да се работи со кукли. Колку што е куклена, толку треба да биде и жива. Освен што треба да дадеш дел од себе, емоции, треба да ја оживееш и куклата. Децата ги сакаат нашите претстави, а оваа е една од попознатите теми. Пораката што ја испраќаме е да не се биде алчен, што повеќе да се сузбие она што е алчност, непотребност, насилие, се што е нечовечка особина, вели актерката Катарина Илиевска – Силјановска, која е и директорка на Театарот за деца и младинци.

Театарот за деца и младинци од Скопје ги негува куклените претстави веќе три децении, но и другите актери од овој ансамбл потврдуваат дека ваквиот вид претстави се потешки за играње отколку драмските претстави со живи ликови.

-Претставите со кукли се секако потешки отколку оние без кукли зашто имате уште една задача повеќе, да внимавате на куклата, на нејзините движења кои треба да бидат синхронизирани со текстот и сл. Во нив имате еден куп задачи и задолженија отколку кога се работи драмска претстава со живи ликови. Ние сме специјализирани за ваков вид претстави. Куклени претстави негуваме од 1991 година наваму што значи континуитет од безмалку 30 години. За овој период имаме сигурно над 20 куклени претстави, а се надевам дека и во иднина ќе продолжиме без разлика колку е тешко, изјави актерот Драган Довлев, кој веќе 26 години дел Театарот за деца и младинци во Скопје.

Според него, детските театри постојат, не само за да се всади љубовта кон театарот уште од најмали нозе, туку и да се научат основните морални норми и пристојно однесување кај најмладата публика.

-Пред детската публика за мене е за една нијанса потешко да се игра отколку пред возрасната бидејќи возрасните луѓе ги имаат совладано моралните норми коишто подразбираат некакво пристојно однесување во театар, а кај децата тоа не е случај. Но затоа пак, постојат детските театри, не само за да се всади љубовта кон театарот, туку и да се научат некои основни правила како еден човек треба да се однесува во театар. Честопати моите колеги велат дека детската публика е најблагородната публика. Јас се согласувам со нив, но би додал и дека детската публика може да биде и најнеблагодарната публика и тука доаѓа до израз подотвеноста и искуството на актерите, на кој начин, условно да кажам „палавите“ дечиња да се доведат во ред и како да го следат дејството и текстот и да излезат од претставата побогати за уште едно искуство, додава Довлев.

Освен Катарина Илиевска-Силјановска и Драган Довлев, во куклената претстава „Јованче и Марика“ играа и Марија Ѓорѓијовска, Ана Левајковиќ Бошков и Ангела Димитрова. Драматизацијата е на Дарко Ковачовски и Надја Василева која ја изработи и сценографијата и костимографијата, а музиката за претставата ја напиша композиторот Љупчо Мирковски.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма