Охридскиот театар со премиерата „Сон на летната ноќ“ утревечер на „Охридско лето“

Од:

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со четвртата премиера, шекспировата претстава „Сон на летната ноќ“, режисерска поставка на хрватскиот уметник Иван Лео Лемо, а во изведба на Народниот театар од Охрид.

Уметничкиот директор на Охридскиот театар, актерот Горан Стојаноски за „Сон на летната ноќ“ рече дека претставува предизвик не само за режисерот, сценографите, авторскиот тим, туку и за самите актери, а и одговорноста кон едно такво дело несомнено е навистина големо.

– Со оглед што минатата година нашата екипа со „Малограѓанска свадба“ докажа дека е на рамниште на вистинската вредност со најголемите театри во земјата, така да во една силна заедничка вљубеност и атмосфера во процесот, дојдовме до резултат – час и половина концентрат на неколку светови, рече Стојаноски.

Стојаноски кој толкува две улоги во утрешната премиера за претставата рече дека е забавна, интересна, возбудлива, но и многу необична со поставка првпат видена на овие простори.

Режисерот на претставата Иван Лео Лемо за својата креација на „Сон на летната ноќ“ истакна дека после доаѓањето во Охрид дошол до заклучок дека нема покомпатибилен град за да се работи еден езотеричен, магичен волшебник каков што е Шекспир, град кој со својата мултикултурност, длабока продуховеност, раноликост претставува сам по себе кулиса за која било шекспирова драма.

– Поставката на претставата е во затворен простор од две причини – втората причина е претставата е технички сложена и деликатна, со посебни видео проекции, а првата причина за ваквиот пристап е што гледајќи неколку изведби на шекспирови дела во амбиентални театри, дел од нив ми изгледаа како да не им оставаат доволно простор на гледачите преку својата имагинација да им дадат значение на симболите и сценските знакови, што според мене е подобро отколку да се биде доследен во топопнимите, архитектурата во која се одвива дејството на текстот, рече Лемо.

Драгана Боцеска, директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид во чии рамки функционира театарот, истакна дека ова е прва претстава што Охридскиот театар ја работи со странски режисер, што отвара можности за интензивирање на соработката меѓу Охрид и Дубровник од каде доаѓа режисерот Лемо.

– Режисерот Лемо внесува нов дух во претставата, тоа ќе можат да го видат гледачите. „Сон на летната ноќ“ претставува голем успех за нашиот театар, големо естетско доживување во кое учествуваа комплетниот состав на Охридскиот театар, односно сите актери на нашата театарска куќа, рече Боцеска.

„Сон на летната ноќ“ ќе се игра на Малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 20 часот.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма