Огњеновиќ: Од нас се бара да раскринкуваме Влади, за да бидеме интересни

Од:

Во рамки на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ се одржа тркалезната маса на тема „Литература, граници, публика“.

– Еден од проблемите е и како да ги откриеме новите автори. Тука е проблем јазикот бидејќи мора да се потпираме на преводот. Во време на глобализацијата и дигитализацијата останува главната тема како публиката да ги најде авторите. Така на пример во Германија има добри автори, а немаат публика.Затоа треба да ги најдеме точките на поврзување со германската публика. Јас треба да ги добијам идеите. Во време на електронските книги имаме можност да ги одржиме книгите во живот. Овде видов дека многу се читаат и книги на англиски и затоа треба да видиме како да го разбудиме интересот.

Со дигитализацијата постои можност да се промовираат нови автори. Мислам дека е тешко за балканските автори да бидат егзотични. Интересна е само политиката и тоа тешко се менува. Не се препознаваат естетските вредности.

prozabalkan1

Треба да ги препознаваме авторите, да ја најдеме врската со публиката и да отвораме нови светови, рече Урсула Бергентал, главен и одговорен уредник во „бтб Рандом хаус”, Германија

Според Силвија Брунели, сопственик на „Набу” литературната агенција од Италија, треба да се научат алатките на глобализацијата

– Ме погодува што од една страна имаме повеќе граници од порано и изгледа дека националните интереси преовладуваат.

Од друга страна е глобализацијата и се прашуваме како малите литератури да се пробијат во глобалниот свет и затоа треба да ги научиме алатките на глобализацијата. Разликата во јазиците не е клучен проблем, јас барам автори кои го опишуваат своето опкружување и, нормално, да се интересни за другите народи. Тоа дека книгата е многу македонска или италијанска е само изговор кај издавачите. Книгата или е добра или не е. Потешкотијата не е во преводот. Иако е тешко да се замисли свет без хартија, со интернетот нема граници за литературата.

Откако ќе се преведе една книга секој може да ја прочита и на тој начин треба да се користат алатките. Идеите се многу важни. Што се однесува до предрасудите, тие се внатре во нашите умови, рече Брунели.

Во секоја книжевност сакаме да го пронајдеме она што е драгоцено, но праксата е поинаква, беше речено на тркалезната маса

– На разните презентации, саеми, фестивали, сакаме да ги прикажеме писателите на овие простори на најдобар начин но наидуваме на затворена врата. Интересни се за издавачите само ако авторите се политички ангажирани или ако од нивната литература дознаваме нешто за Балканот, но не и ако пишуваат љубовни романи.

Значи тие треба да исполнуваат некоја функција, да го задоволат маркетингот, но тоа е далеку од литературата. Чиста литература не може да помине, а има извонредни писатели кои едноставно не успеваат. Никого не го интересира приказна за некоја жена од времето на ренесанса, но од друга страна го интересира ако пишува за војна, а тоа е многу ограничувачки за нас. Со тек на време се случија и промени во квалитетот.

prozabalkan3

 

Некогаш Маркес бил мегапопуларен, денеска тоа е Педесет нијанси сиво.Издавачите се ориентираат според вкусот на публиката, секс, убиства… А токму тоа го прават издавачите и затоа се одговорни за создавање на квалитетот и вкусовите, бидејќи мислат дека публиката сака кич. Тоа е и социјален феномен, а не било отсекогаш така, рече Алида Бремер, писателка од Хрватска.

Според Вида Огњеновиќ, познатата српска писателка постои комплекс кај малите книжевности – Ние писателите на помали литератури често имаме неправедно поголема цена ако не преведат и ако некаде на друго место не фалат.

– Постои еден комплекс кај малите книжевности кон поголеми книжевни заедници на јазиците на кои зборуваат поголем број на луѓе. Од нас се бара да пишуваме за состојбите во нашите држави, да раскринкуваме Влади…, за да бидеме интересни. Малите литератури ги вреднуваат своите писатели само ако надвор ги вреднуваат, а против тоа треба да се бориме, рече Огњеновиќ.

Ермис Лафазановски, писател од Македонија рече:

– На Балканот особено кај нас како писател можете на два начина да соберете публика. Првиот е откога ќе закажете промоција за да биде успешна треба да ги викнам мајка ми и татко ми роднините пријателите да се јавам кај сите да ги молам да дојдат и да не задоцнат и на некој начин салата ќе биде полна. Иако најава има по весници , ретко кој е заинтересиран.

Вториот начин е да направите коктел. Но, тоа не ме загрижува затоа што мојата публика ми е непозната, не ја гледам и се над евам дека сите писатели мислат исто. Од една страна си помислувам па сакајќи да правам промоции може само сакам да си ја потврдам својата суета да видам дека луѓето доаѓаат и сакаат да слушнат што ќе кажам но не, публика постои за книгите, но не во облик во кој ние очекуваме, а ние очекуваме салата да биде полна.

prozabalkan2

 

Таа публика што јас мислам дека ја имам се наоѓа насекаде околу нас, таа е невидлива не доаѓа на промоции но чита. Вчера слушнав дека брачниот пар Клинтон заработи 25 милиони долари за држење говори по факултети а самата Хилари 5 милиони долари затоа што објави книга. И сега кога го слушнав тоа си велам теши се ти со твојата невидлива публика.

Според писателот Димитар Башевски, глобализацијата е полна со противречности од крајно позитивни до крајно негативни.

– Границите стануваат подвижни, но од надвор кон внатре. Вака притиснати малите литератури изразуваат потреба од одбрана и почнуваат да се занимаваат со одбрана на националната литература и ризикуваат да бидат надвор од глобалните процеси, за нив нема позитивна ситуација и тука се јавува прашањето како од внатре кон надвор. Музиката и сликарството комуницираат слободно но во литературата има граници.
Треба да бидеме преведени, а всушност нема минимум љубопитност кај странските издавачи, рече Башевски.

На вечерашното затворање на фестивалот од 19.30 часот во Даут Пашин Амам. писателите ќе читаат извадоци од своите дела и ќе биде доделена и наградата „Прозарт“ на лауреатот Вида Огњеновиќ.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ