Новинарот, Огнен Јанески, прашува на што тоа е горда министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска која се пофали за проектите и програмите на Министерството откако вчера во Собранието пратеничката Љубица Буралиева побара од неа одговорност и оставка од морални причини поради случајот со прислушувањето.
Јанески потсетува за скандалот со каса-прими во кој беше вмешана министерката, како и на бројните анекси кои Министерството ги склучуваше во проектот „Скопје 2014“, а со кои новиот театар достигна вредност од околу 40 милиони евра.
„На што е горда Елизабета Канческа Милевска? На кои културни и уметнички вредности што не ги заборавила? На тоа што НИЕ ГРАЃАНИТЕ мораше да ја потсетиме дека постои ВАЊА ЛАЗАРОВА, на која и немаа дадено никакво државно одличје и никаква државна парична признаница или пензија? На тоа што, баш граѓаните мораше да се соберат во 20-илјадна бројка за да побараат нешто што требаше сто пати да и’ се дадеше досега на Вања?
Дали е горда на тоа што се преиспитува заштитата на Охрид од страна на УНЕСКО? А некој сакаше да гради парапети околу езерото!
Дали е горда на сиот КИЧ и НЕВКУС за македонската уметност?
Дали е горда на тоа што ги скрати до срж средствата за Прилепската ликовна колонија, што е најстара во Југоисточна Европа?
На што е горда? На што? Не ми е јасно. На тоа што му додели статус на национален уметник на Борис Трајанов за заслуги поради садење дрвцИ низ државава, за да ја здувне потоа во Германија, со 1.000 евра месечен, дополнителен приход? Приход, кој е еднаков на платата на институцијата Претседател на државата, а приход кој го прима и Есма Реџепова Теодосиевска, додека Вања Лазарова одвај се изборивме да добие 35 илјади денари државна пензија, само затоа што граѓаните побараа…“, вели Јанески на својот фејсбук профил.
Тој потсетува и на разговорот кој го објави опозицијата, во кој наводно се вклучени министерката за култура и министерот за транспорт и врски, а во кој се бара укинување на месечните примања на семејството на Тоше Проески затоа што не ја поддржува отворено партијата на власт.
Кога и да се постават прашањата за прислушувањето и разговорите кои јавноста ги слушна, Канческа-Милевска, пак, одговара со достигнувањата на Министерството со кое раководи седум години. На барањето за одговорност и оставки од пратеничката Буралиева, таа вчера во Собранието одговори:
– Не знам зошто пратеничката Буралиева не е горда на уметничките вредности на сопствената држава, културните вредности коишто треба сите заеднички да ги почитуваме. Сепак, ќе кажам проектите се реализираат, многу е направено и бројките и фактите говорат за сето тоа. Сите оние успеси на нашите уметниците, на нашите институции што ги реализираат и во домашни и во светски рамки се исто така видливи и ние како Министерство за култура како и досега и во иднина ќе даваме и како Влада сериозна и голема поддршка на нашите уметници, на нашата култура и пред се во почитувањето на културните на уметничките вредности, изјави Канческа- Милевска.