ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распишува оглас за резиденцијален престој за двајца млади визуелни уметници до 35 години во вила на планината Огражден, каде во изолационен престој од 17 дена ќе ја истражат темата – животот во природа надвор од населени места.
Престојот ќе се реализира во Вила Преведена во периодот од 29 јуни до 16 јули, на 1.200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица. Трошоците за сместување се покриени од организаторот, а дополнително уметниците ќе добијат хонорар од 9.000 денари за храна.
– Ова место е изолирано во планината и нуди извонредни можности за творење и истражување на темата живот во природа. Во близина живеат две фамилии и тие за уметниците можат да бидат извор на информации за темата. Најблиското населено место е беровското село Двориште кое се наоѓа на осум километри од местото Преведена. Уметниците ќе можат да го посетуваат и да добијат дополнителни идеи и информации потребни за нивното творење. Во текот на резиденцијата учесниците ќе имаат поддршка за нивната работа од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните два дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со младите уметници, информираат од ХОПС.
Во договор со уметниците во месец октомври или ноември ќе бидат организирани две виртуелни ( он лајн изложби) на уметниците на кои ќе бидат промовирани делата креирани за време на резиденцијалниот престој.
Кандидатите треба да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект, а делата кои ќе ги изработуваат за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од следниве форми на визуелна уметност: фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт.
Краен рок за пријавување е 20 јуни 2021 година до 24 часот, преку поднесување на потребните документи на електронската пошта [email protected].
Резиденцијалниот престој е дел од проект, кој е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.