Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДКУС) за 6 јули најави отворање на 41-виот фестивал „Скопско лето“, кој традиционално почнува на 21 јуни. Поради пандемијата, летната манифестација на главниот град ќе биде организирана согласно со протоколите за организација на јавни настани донесени од Владата.
Новото издание на „Скопско лето“ во новите околности в понеделник од 20.30 часот во Сули ан официјално ќе биде отворено со концертот „Скопје во три бои“ на кој ќе настапат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара.
ДКУС соопшти дека согласно со објавените протоколи, бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, а влезот на публиката во Сули ан ќе почне половина час пред концертот, односно во 20 часот.
-Согласно протоколите и заради регулирање и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари. Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар, соопшти ДКУС.
Организаторот соопшти дека музичката програма на „Скопје во три бои“ ги сплотува македонската, ромската и турската популација во нашето поднебје како убав спој на три музички култури во едно и дека ќе ги разбие стереотипите за поделеност.
-Кога се мисли на мултиетничката заедница, во прв план се мисли на начинот на кој говорат тие, што носат во себе секој од својата прататковина, како културно и духовно наследство, начин на кој живеат и како придонесуваат во градот или општеството во кое егзистираат. Народниот уметник Македонец ја пее песната на неговиот пријател Ром. Ромот, пак, соживеан со Македонецот го игра неговото право оро, пее и говори на македонски. Турскиот музички мелос, пак, го има и се слуша со вистинско уживање. Така се создаваат овие три бои, со кои се обојува оваа убава слика на еден соживот, културна размена и социјализација, како вредности кои треба да се негуваат, наведуваат организаторите на концертот.
ДКУС ја соопшти програмата на „Скопско лето“ и во наредните четири дена по отворањето на фестивалот: на 7 јули во Сули ан од 20.30 ќе има јубилеен концерт на Пламенка Трајковска квинтет; на 8 јули од 20.30 часот – концерт на Ад Либитум“ трио во Музејот на македонската борба; на 9 јули – онлајн-промоција на книгата „…Kao ti i ja…/…Како ти и јас…/… Like You And Me…“ – љубовно-патописна поема инспирирана од младоста на Никола Тесла на авторот Тони Манџуковски-Манџук (со видеопроекција во „Тесла-бар“ од 20.20 часот) и на 10 јули од 21 часот во Сули ан – монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во изведба на Бобан Алексоски и во продукција на Театар „Златен Елец“.