Објавена „Македонска љубовна лирика“ – најобемниот тематски избор од современата македонска поезија приреден досега

Од:

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Македонска љубовна лирика“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Најубавите македонски љубовни стихови, сега се на едно место. На близу 500 страници, со 342 песни од македонски поети од сите генерации, во петте циклуси на книгата, од копнеж до ерос е и можниот одговор на прашањето како се љуби на/со македонски јазик и на македонски начин.

Ова е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија објавен досега. Изданието се објавува во годината кога чествуваме 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, авторот на „Дениција“ –– стихозбирката којашто македонската книжевна критика ја означи како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

– Силна е потребата и решеноста да се приреди овој избор. Затоа што ритамот на таа химна непрекинато пулсира во македонското срце и во македонската поетска реч и во сиот период потоа, до денес. Оттука, чувствуваме не само потреба, туку и обврска да го синтентизираме она што е конкретна потврда на тој ритам. Како прилог и кон вреднувањето на современата македонска поезија, и кон согледувањето на книжевната традиција во којашто „ништо не е повидливо / и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“, а љубењето е калемење „светлина на мракот“ и топење „снегови фатени во движење“. Затоа што македонскиот поет е и „единствен сведок / за бакнежот меѓу металот и громот“, како што меѓу другото е нагласено во предговорот на Мојсова-Чепишевска и Антоновски.

Оваа книга нуди досега единствен ваков приказ и на самата македонска современа поезија, создадена, односно објавена во периодот од завршувањето на Втората светска војна до денес – поразличен од оние што беа понудени досега.

– Определбата да го издвоиме само она македонско поетско писмо сврзано со љубовта, и тоа не само како мотив или тема, туку и како движечка сила на создавањето на стиховите, ни овозможи овојпат, со мал дел од творечкиот опус да претставиме како автори кои веќе се етаблирани во македонскиот поетски канон, така и автори кои сè уште го изодуваат или го пробиваат својот пат под македонското книжевно небо, како и поети кои беа или се подзаборавени или недоволно вреднувани во македонскиот книжевен простор, напоменуваат приредувачите.

Циклусите во книгата „Македонска љубовна лирика“ се развиваат онака како што се развива самиот љубовен чин – од копнеж, од приказ на идеалниот драг/идеалната драга, па до чинот кога двајцата се едно, кога посакуваниот е (или барем ни се чини дека е) во прегратката на оној кој својот љубовен немир го искажува со поетско Јас, за на крајот да се круниса со поетскиот восклик на страста и еротиката кога и двете души и двете тела се претопуваат во една нераскинлива целина.

Со читањето на стиховите од „Македонска љубовна лирика“ ќе ни се врати вербата дека и во ова наше време, може вистински да се љуби и македонската поезија да се чита со страст.

Книгата, веќе е достапна за читателите, во книжарниците на „Матица македонска“, а може да се нарача и онлајн преку веб-страницата на книгоиздавателството.

Би можело да ве интересира

Објавена програмата на четвртиот Скопски поетски фестивал

Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книга во Лајпциг

Предраг Петровиќ

Трет Скопски поетски фестивал

Предраг Петровиќ

Промовирана стихозбирката „Ризница” од Мира Георгиевска

Реномираното меѓународно списание „Версвил“ објави тематски број „Поезија од Македонија“

Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на романската награда за поезија „Михаи Еминеску“

Предраг Петровиќ