Македонската опера и балет вечер од 20 часот ќе изведе новогодишен концерт во Македонскиот народен театар, кој го востановува оваа година со идеја тој да стане традиционален на првиот ден од секоја нова година.
Ќе бидат изведени арии и дуети од оперети, хорски, оркестарски, балетски нумери од делата на светски композитори, валцери и полки. Концертот ќе го води диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ, режијата е на Дејан Прошев, кореограф е Снежана Филиповска. Сценографијата е од балетската претстава „Дамата со камелии“ на Павол Јураш од Словачка.
Ќе настапат оперските солисти Каталина Бертучи од Австрија, Сања Керкез од Србија и македонските Благица Поп Томова и Ѓорѓи Цуцковски, балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичијашвили, Бобан Ковачевски, Наташа Јосифовска, Билјана Басмаџиева, Игор Веланоски, Мирослав Митрашиновиќ, Ивана Коцевска, Саша Евтимова и Јан Кисилев, Хорот, балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ.
На програмата се дела од Петар Илич Чајковски (Полонеза од операта „Евгениј Онегин“ и Валс на цвеќињата од балетот „Оревокршачка“), Франц Лехар (Арија на Хана Главари, Романса на Камиј де Росион и Дует на Хана и Данило – сите од оперетата „Веселата вдовица“, како и Арија на Џудита од истоименото дело), Имре Калман (Арија на Силва од оперетата „Војвотката на чардашот“) и пет композиции од Јохан Штраус Помладиот (Арија на Аделе и Чардаш на Розалинда од оперетата „Лилјакот“, Пицикато полка, „Пролетни звуци“ и полката „Молњи и громови“).
Покрај овој концерт, Македонската опера и бале ќе ја продолжи 25-годишната традиција и во јануари ќе го организира концертот за празникот Василица.
И Македонската филхармонија од оваа година ќе почне да организира традиционален Божикен концерт, на 7 јануари напладне, исто така во Македонската опера и балет.
Новогодишниот концерт на МОБ и Божикниот на Филхармонијата ќе бидат пренесувани во живо на Македонската радиотелевизија.