Тимот на „Репер“, првиот македонски електронски неделник за култура, соопшти дека на интернет-адресата www.reper.net.mk е објавено ново издание од овој медиум за креација и рекреација.
Обновениот „Репер“, кој по неколкумесечната пауза излегува како триброј (59-61), носи содржини и текстови по какви што веќе е препознатлив меѓу читателската публика, збогатени со нова енергија од соработниците и со нов дизајн на интернет-страницата. Сајтот излегува со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
„По паузата од неколку месеци, која ја направивме поради технички причини, се враќаме со трибројно издание и со инакво руво на нашата страница. Во тимот ни се вклучија и нови луѓе, па се надеваме дека со содржините што ги донесуваме ќе ги израдуваме своите верни читатели, но ќе стекнеме и дополнителни љубители на културата и на уметноста. Продолжуваме да ги поддржуваме и да ги претставуваме сите оние што придонесуваат за побогат културен живот во нашата земја, како веќе познатите и докажаните така и надежите и помладите. И новиот Репер ги опфаќа сите области на културата, како литературата, музиката, театарот, филмот, уметноста“, изјавија од тимот на „Репер“.
Во фокусот е Првиот фестивал на европската литература, кој во октомври го организира издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Во него може да се прочита за настаните во рамките на фестивалот, за книгите што беа промовирани, како и за авторите-гости на фестивалот. Секако, неизоставен дел се и рецензиите и есеите, како и редовните рубрики „Отворам муабет“, „Демо“, „Тајмс Њу Маседониан“ и многу други содржини.