Нови два броја од ревијата „Стрип креатор“

Од:

Стрип-центарот на Македонија (СЦМ) со седиште во Велес објави два нови броја (21 и 22) од ревијата „Стрип креатор“, единствено постојано стрип издание во Македонија. Финансиската поддршка и овојпат ја овозможи Министерството за култура, а изданијата може да се набават во стрип книжарницата „Бункер“ во Скопје.

Томе Трајков од СЦМ-Велес изјави дека и во оваа ревија доминираат најдобрите стрипови од Интернационалниот стрип салон, кој во октомври годинава по 13 пат ќе се одржи во Велес.

Тоа се делата на Саша Арсениќ и Предраг Ивановиќ-Микица од Србија, Кирси Салонен од Финска, Петар Станимиров и Јоана Младенова од Бугарија, Михаел Петруш од Полска, Ангела Пиацентини од Италија, сценаристите Предраг Ѓуриќ и Марко Стојановиќ од Србија и други стрип автори. Заедно со нив, рамномерна застапеност добиваат и млади и неафирмирани стрип автори од земјава.

Според Трајков, талентираните автори, како Јована Велинова, Филип Новески, Бојана Милчевска, Ивана Самандова, Ангела Чалоска, сценаристот Александар Стеванов, текстовите на младиот стрип теоретичар Бошко Караџов, се доказ дека македонската стрип култура има солидна иднина.

– Ревијата „Стрип креатор“ која претходно се викаше „Стрип арт“ има посебно значење бидејки е единствено постојано печатено списание и доведе до континуитет на македонскиот стрип. Своите први стрипови во неа ги имаат објавено и некои веќе поафирмирани стрип автори од земјава. Преку ова списание, но и со други активности тие остваруваат контакти на домашно и пошироко ниво. Нивниот ангажман доведува и до формирање нови стрип субјекти. Само со професионалност и конструктивност се доаѓа до успех, а секој автор треба од талентиран да се претвори во квалитетен, истакна Трајков.

Според анализите на СЦМ-Велес, континуираниот развој на стрип сцената во Македонија во последните две децении доведе до зголемено внимание од страна на институциите, пред се од Министерството за култура.

– Тоа е за поздравување, но не смее да се задржи само во сферата на издаваштвото. Ние во Стрип центарот на Македонија-Велес секогаш нагласуваме дека стрипот како начин на изразување треба да биде етаблиран во секоја средина, додаде Трајков.

Би можело да ве интересира

Македонски автор застапен во српска стрип-антологија

Македонскиот стрип претставен во Букурешт

Ана Ололовска

Македонскиот стрип со изложба во Сомбор

Ана Ололовска

Мултимедијалната патувачка стрип изложба „CAN for Balkans“ доаѓа во Велес

Ана Ололовска

Прогласени победниците на меѓународниот натпревар на историски стрипови „CAN for BALKANS“

Излезе од печат стрип албумот „Бестрашниот“ на Дарко Богданов

А1он