Нобелова награда за литература: Од кој свет доаѓа Боб Дилан?

Од:

Повторно се плете замрсениот мит од кој Дилан бега цел живот. Нобеловата награда, убеден сум, ќе ја доживее еднакво тешко како и тежината на „портпарол на генерацијата”, која му ја наметнаа 60-те години од минатиот век

Бука – Сараево

Овогодишната Нобелова награда за литература му е доделена на Боб Дилан за „создавање на поетски израз во рамки на големата традиција на американската поезија”!

Многу ме израдува оваа одлука на Шведската академија. На приватен план сум исклучително радосен, бидејќи Дилан е добредојден гостин во мојот дом и со посредство на грамофонот се почесто се дружиме.

Голема е користа и во пошироки рамки бидејќи авторитетот на Нобеловата награда е доволен доказ на конзервативците дека одамна е избришана границата меѓу „ниската” и „високата” култура, иако никогаш не ми беше јасно на кој начин се вршат тие пресметувања.

Со оглед на тоа дека го познавам човекот, бидејќи знам за него откако знам за себе, мислам дека Дилан нема премногу да се израдува на Нобеловата награда. Како што гледам медиумите тотално полудеа и трае трка во изнесување на докази за вистинскиот избор на Шведската академија. Повторно се плете замрсениот мит од кој Дилан бега цел свој живот. Убеден сум дека Нобеловата награда ќе ја доживее еднакво тешко како и тежината на „портпарол на генерацијата” која му беше наметната во 60-те години од минатиот век.

За Журнал пред четири години се обидев да го деконструирам митот за Дилан, да објаснам што е тоа што постојано не враќа на него, без оглед на тоа колку пати се обидел да побегне од нас. Тоа беше болно амбициозен обид, завршен на само неколку картички и без добар заклучок. Бидејќи од тогаш не сум по паметен ни ронка, сигурен сум дека подобро од тоа не можам да напишам.

Поради тоа во продолжение ви приложувам делови од тој текст.

Дилан се измисли сам себе. Сам себе се создаде од ништо. Од она што го опкружувало и тоа што го имал во себе. Дилан е пронајдок на сопствениот ум. Работата не е во тоа да го сфатите, туку да го прифатите. Тој инаку се вовлекува во вас, па зошто да не го прифатите? Тој не е прв кој се измислил сам себе, но тој е прв кој го измисли Дилан. Никој пред него не го измисли. Или по него.

Што се случува кога некој ќе измисли нешто надвор од себе, како авион или товарен воз? Тоа се прифаќа како нешто до тогаш невидено, кое го прифаќаме и кое со тек на времето полека ги менува нашите животи. Не стоиме обидувајќи се да откриеме нешто што не е. Го употребуваме како средство за животна авантура.

Вака напишал Сем Шепард во својот дневник од големата турнеја на Боб Дилан од 1975 и 1976 година, наречена „Rolling Thunder Revue”. Планираше да напише сценарио за филм за турнејата, но тоа никогаш не се случи. Трудот сепак не беше бадијала потрошен: Шеперд остана трајно фасциниран од Дилан, а ние добивме дневник како документ на таа фасцинантност.

Има нешто во Дилан што ги фасцинира и најсилните карактери. Том Ватс еднаш се сретнал со него и не прозборел ниту збор. Само стоел целосно парализиран. На средбата присуствувал и синот  на Дилан, Џејкоб, инаку голем фан на Ватс и не можел да поверува каков впечаток остави неговиот татко на искусниот и зрел пејач.

Околу Дилан е создаден мит од кој тој упорно, цел живот се обидува да побегне. Уште во 60-те години се обидуваше да се оттргне од титулите кои му ги наметнуваа медиумите. Голем брат на протести, Висок свештеник на протести, Кајзер на одметништво, Надбискуп на анархија, Голема ѕверка…

За што зборуваме ние тука? Ужасни титули, како и да се гледа на тоа. Се со ред шифрирани зборови за криминалец, напиша во своите Хроники по половина век.

Бегаше, постојано се селеше, одбиваше да го пушти во јавност својот приватен живот и фотографите во домот. Така работите ги направи уште полоши, тоа што светот не можеше да го види, го измислуваше, што не го знаеше го претпоставуваше. Митот се засилуваше. Лажен, какви што најмногу мразам. Живеам во Босна и Херцеговина па сум чувствителен на митови. Тука поради нив луѓето лесно го губат разумот, а често и главата.

Од секогаш го слушам Дилан. На почетокот површно, како и сите околу мене, бидејќи во животот не видов ниту една колекција на плочи која немаше примерок од албумот „Desire”. Потоа се оддалечував од него, на подолго и на покусо време, повторно се враќав, го проценував, повторно си одев, го посетував кога ми одговараше мене… Една непостојана, прилично бурна врска, каква и мора да биде кога нејзините учесници не се разбираат.

Се се промени кога ги прочитав неговите „Хроники”. Добра книга, различна од четива какви обично пишуваат рок ѕвездите или нивните „ghostwriters”. Дилан знае да пишува и тоа не би смеело да изненадува никого кој слушнал барем две негови песни. Заведен од анегдотите од клубот „Gaslight” за малку да го прескокнам најважниот дел, страниците на кои ги објаснува своите животни приоритети.

Моето семејство е моја светлина и јас ќе го заштитам по секоја цена (…) Во мојот реален живот јас едноставно морам да го правам тоа што најмногу го сакам, тоа што ми е најважно – натпреварите на Детските лиги, роденденските прослави, носење на децата на училиште, кампување со семејството, возење со чамец, кану, сплаварење, риболов…

Кога го прочитав овој пасус, скокнав на нозе, од темницата под брачниот кревет ги извлеков крампот и лопатата, истрчав зад зграда, во најтемниот дел на детското игралиште, таму каде луѓето во мелено месо ставаат здробено стакло и ги ранат кучињата и другите скитници. Копав како жеден за слобода, преку хумусот, глината и црницата, преку заврзаните томови на најдобрите политички анализи и економски планови, копав преку неискористени сертификати и даночни повластици, налетував на збирки со празни чаури и разгледници, преку колекции на лекарски наоди, судски пресуди, предвоени „Политикини забавници” и други работи кои можат еднаш 100 отсто да затребаат.

И гледај, временската капсула ја најдов точно на тоа место каде што ја закопав. Ја отворив, пребарував по предметите кои ќе им требаат на идните генерации за да сведочат за годините кои со безобразна леснотија залудно ги потрошивме, и на самото дно, замоткано на четири, најдов сопствен список на приоритети, речиси идентичен како списокот на Дилан!

Пишувам „речиси” бидејќи на мојот список нема кануа, а наместо „сплаварење” сум напишал „rafting”. Импресивно, зарем не?

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска