Никола Маџиров: Прагот стана мој покрив, а куферот моја адреса

Од:

Пишувањето поезија за мене е егзил  од секакви национални и идеолошки рамки, рече поетот Никола Маџиров, кој по бројните читачки турнеи низ светот во 2012 денеска беше примен од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

И подари превод на англиски од неговата сихозбирка „Преместен камен“ која, како што рече, го преместила во многу светови и јазици. Таа е и своевидна метафора на неговиот патувачки живот и претставувањата на разни меридијани, книжевни престои, читања, фестивали. Меѓу бројните во изминатата година беше и учеството на Поетската  олимпијада во Лондон, а го очекуваат и годинава – најпрво во Албанија, а потоа и во други земји во Европа и во подалечни во Азија, Африка, Америка.

Поетот-номад, како што го нарекуваат, ја промовира македонската култура и јазик низ стихови, кои остануваат негова книжевна преокупација  и покрај доминацијата на прозата која, за разлика од поезијата, е попрофитабилна и податлива за трансформација во други видови уметности.

Канческа-Милевска рече дека неговото творештво го следат исклучително позитивни оценки од светската критика, чие книжевно влијание го споредува со она на шведскиот нобеловец Томас Транстромер.

– Сакам искрено да му се заблагодарам за сето што го направи во промоцијата на Република Македонија на меѓународен план. Од огромно значење е договорот за издавање книга што тој го склучи со „Бладекс букс“, една од најпочитувани издавачки куќи за поезија во Велика Британија и во светот… Тој е и единствениот балкански автор кој неодамна ја доби европската книжевна стипендија „Маргерит Јурсенар“ за 2013. Се надевам дека  како и досега, и во иднина ќе продолжи да ја промовира Македонија, рече Канческа-Милевска. Му напомна да ги  следи условите кои треба да се исполнат за да ја добие наградата национален уметник, која со посебен закон е востановена за уметниците кои успешно ја претставуваат државата во светот.

Маџиров се заблагодари за поканата од Министерството, на преведувачите на неговите збирки и жиријата што го избирале за награди, за поддршката што ја добива од објавата на првата книга („Заклучени во градот“, 1999) и покрај, како што рече, ситуацијата во која се наоѓа поезијата овде и во светот.

– Сепак, тој свет на поезијата некако функционира во однос на јавните рамки. Може се потесни, но функционира како братство, и тоа е неверојатно а, пред се, тоа се гледа на фестивалите. Тоа што го работам го работам зашто чувствувам дека припаѓам таму, иако не сум самиот поклоник на припадноста. Просторно не можам самиот да се определам, во некој меѓусвет постојано, прагот стана мој покрив, куферот стана моја адреса. Тоа номадство верувам ќе продолжи. Витгенштајн велеше дека границите на мојата земја се таму каде што се границите на мојот јазик, а тоа е доста индивидуално. Македонскиот јазик го носам со себе секогаш, за него не е потребен куфер, потребно е само сеќавање, рече Маџиров, задоволен што поезија во последно време се почесто пишуваат млади автори.

Маџиров е и есеист и преведувач, добитник на многу домашни и меѓународни  награди и книжевни стипендии. Неговите дела се преведени на над 30 јазици, објавени во збирки и антологии.

Би можело да ве интересира

„Недостиг“, нов роман од Симеон Јанков

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“